Повеќе од половина од младите што живеат во земјите на Западен Балкан немаат доверба во работата на државните институции и својата иднина ја гледаат во странство
Зошто младите од Западен Балкан не ја гледаат иднината во своите матични држави, дали економските причини се главни за иселување или, пак, нефункционалните државни системи ги прават младите несигурни и свртени кон западните земји? Иако одливот и иселувањето од Македонија најчесто се поврзуваат со потрага по заработувачка, сепак последните анализи покажуваат дека многу посуштински и подлабоки се причините зошто младите имаат недоверба во своите држави.
Повеќе од половина од младите што живеат во земјите на Западен Балкан немаат доверба во работата на државните институции и својата иднина ја гледаат во странство.
Ова се заклучоци од заедничката студија „Заедничка иднина – Перцепции на младите за мирот во Западен Балкан“, од Програмата за развој на ООН и Регионалната канцеларија за младинска соработка.
Во тоа истражување, младите изјавија дека имаат најголем страв од организиран криминал, злосторства од омраза и говор на омраза на интернет, што според нив е најпријавуваниот вид на насилство.
Но младите што сакаат да живеат во странство се плашат дека таму ќе бидат третирани како граѓани од втор ред и како една од причините зошто не сакаат да се преселат е напуштање на семејството, пријателите и веќе навикнат начин на живот.
Разочараност и бесперспективност
Универзитетскиот професор Лазар Јовевски вели дека имаме отселување на млади од Македонија, и тоа не е само заради подобар економски живот, туку и поради тоа што кај младите има и разочараност во однос на владеењето на правото, сигурноста во општеството, како и во културните промени.
– Во целиот регион таа тенденција на отселување на младите е во нагорен тренд.
Младите се најголемата група невработени во земјата, дискриминирани се и при напредувањето во работата. Така, недвосмислено се доаѓа до заклучокот дека оваа тенденција ќе продолжи и во иднина – вели тој.
Тој смета дека треба да се преземат итни реформи за вклучување на младите на пазарот на трудот и во образованието, како и политики на враќање на младите.
– Треба да инвестираме во нив, но тоа се работи децениски – заклучува професорот.
Социологот Илија Ацески вели дека државите на Балканот се едни од економски понеразвиените земји, каде што има слаба перспектива, системи и управувања што се проблематични и не даваат сигурност за младиот човек.
– Ако младите останат тука, немаат изгледи да ја градат својата иднина. Перспективата се гледа и во економски поглед. А тоа е во ова глобално време кога се отворени сите можности за млад човек лесно, едноставно да ја побара среќата подалеку од овие простори. Тоа е една социопсихолошка и економска димензија што поттикнува бегање од државата. Голем дел од тие млади не верува во оние што управуваат со овие држави и институции, со економијата, дека тие не се гаранција дека младиот човек ќе успее во својот живот – објаснува Ацески.
Социологот посочува дека само на два часа со лет од Скопје се живее многу подобро и постабилно.
– Реалноста е дека младиот човек таму има малку поголеми шанси за успех и заработка – заклучува тој.
Според него, кај младите сѐ повеќе се олабавува тој однос кон другите нации, кон преостанатите религии.
– Се релаксираа тој однос, за младите тоа повеќе не е важно. Во голема мера се „испумпа“ таа националистичка сфера, која им беше наметната од политичарите – заклучува Ацески.
Скептицизам за иднината на Западен Балкан
Во истражувањето е наведено дека иако 27 отсто од испитаниците веруваат дека регионалните поделби и конфликти сè уште се присутни кај младите, мнозинството од 47 отсто ја изразува можноста за дружење и градење доверба со припадници на други националности.
– Вкупно 42 отсто од испитаниците сметаат дека односите меѓу земјите од Западен Балкан може да се подобрат, осум отсто велат дека односите може само да се влошат, додека остатокот од испитаниците сметаат дека односите воопшто нема да се променат и дека статус кво состојбата ќе остане. Кога станува збор за тоа дали тие се подготвени да ѐ простат на другата страна за настаните од минатото, процентот варира од 15 до 63 отсто – пишува во анализите од истражувањето.
Истражена е и медиумската сцена, каде што 42 отсто од младите велат дека е вообичаено да се појавуваат навредливи содржини во медиумите, додека загриженоста поради лажните вести варира од земја до земја и изнесува меѓу 49 и 75 отсто од испитаниците.