Судот во Црна Гора изрече затворски казни за 14 лица, вклучувајќи и на двајца опозиционери, за наводно организирање на обид за преврат на владата со руска помош во 2016 година, пишува „Гардијан“.
Според пишувањата на британскиот весник, проруските лидери на опозицијата Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ добиле казна затвор од пет години поради тоа што биле дел од криминална организација чија цел, според судијата, била да ја спречи Црна Гора да влезе во НАТО.
Иако осудени во отстуство, највисоки казни добија двајца Руси, кои според обивинителите биле дел од разузнавачките служби. Осудени беа и неколку Срби, вклучувајќи и поранешен полициски генерал и еден анти-НАТО активист.
Москва негира дека Русија кој било начин била вклучена во целата ситуација.
Во пресрет на пресудата, лидерот на опозициската партија Демократски фронт рече дека пресуда против лидерите на партијата неповратно ќе ја дестабилизира Црна Гора. Исто така, опозицијата го нарече целото судење „наместено и политизирано“ и „лов на вештерки“ од страна на владата.
Андрија Мандиќ, претходно, во март, го обвини претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, кој беше премиер за време на настаните, дека го искористил бранот на антируско расположение за да ги нападне своите противници.
– Без својот наводен пуч, режимот сигурно денес ќе беше опозиција – рекол Мандиќ.
Се очекува политичарите да ги обжалат одлуките на судот.
Во годините по овие настани и наводниот обид за пуч, Црна Гора влезе во НАТО и владата на земјата продолжи со преговори за пристап во Европската Унија. Според „Гардијан“, опозицискиот Демократски фронт е значително ослабен.