Црна Гора
Црногорскиот парламент, исто како и македонското собрание, се наоѓа во неколкумесечна блокада, поради партиските поделби и неможноста актуелната влада на премиерот Здравко Кривокапиќ да се обезбеди кворум за работа на парламентот. Од демократскиот фронт на ЦГ, кој е на страната на сегашната владејачка коалиција, соопштија дека партијата на претседателот на државата, Мило Ѓукановиќ, деновиве одржувал контакти со претставници од УРА, за воспоставување идна соработка, а која би опфаќала и поддршка на Владата, која би била предводена од Демократската партија на социјалистите, на кои им е потребен еден пратенички глас за добивање мнозинство во парламентот.
Од Демократскиот фронт велат дека ова не треба да се крие од јавноста, а посебно од припадниците на сегашното мнозинство.
– Ова може да ни помогне зашто немаше договор за реконструкција на неспособната влада на Здравко Кривокапиќ, која беше поддржана од 38 пратеника, но тројцата пратеници на УРА го блокираа тоа – наведуваат од ДФ.
Од УРА, како одговор на обвинувањата на ДФ, соопштија дека нивните пратеници никогаш нема да бидат дел од власта што ги загрозува националните интереси на Црна Гора и која не ги испорачува резултатите за интеграција во Европската Унија.
– Можат за тоа да бараат други партнери со кои веќе разговарале за идно функционирање на Владата, но без нас. УРА во таква влада нема да учествува – порачуваат од оваа партија.
Неизвесноста продолжува.