Изборот на Курти не е првиот пораз на САД на Косово. Приштина одби да се вклучи и во проектот мал шенген, предводен од Србија и следен од Македонија и од Албанија. Тој во никој случај не беше измислица на Вучиќ и беше прво поддржан од Вашингтон, а дури потоа од Брисел. Излезе дека косовските приоритети не кореспондираат со американските, смета Ристо Никовски, поранешен македонски амбасадор.
И во минатото, Албанците излегуваа од рамките на американските регионални политики ама набргу се враќаа, откако ќе добиеја по носот. Некои и од тие „излети“, веројатно, не беа случајни ама секако имаше и непланирани. Со релативно голема сигурност може да се тврди дека недоразбирањата меѓу Вашингтон и Албанците во иднина ќе бидат и почести и посериозни.
Особено со Косовците, кои се најекстремни во однос на големоалбанскиот проект. Благодарејќи на американската помош, Албанците го постигнаа речиси максимумот во решавањето на своето „национално прашање“ и практично немаат повеќе поголема потреба од нив. Особено откако ќе го обезбедат српското признавање на Косово. Клучно е што ќе растат амбициите и аспирациите на Албанците кон Црна Гора, Јужна Србија и, зошто да не, Чамите во Грција. Ќе сакаат да земат сѐ што можат. Ќе следуваат сериозни несогласувања. Тешко е да се верува дека САД ќе дозволат дестабилизација на овие три земји и на регионот, напиша Никовски во својата последна колумна објавена во „Нова Македонија“.