Движењето на неврзаните сега, за разлика од минатото, првенствено значи економска алатка за развој на домашните индустрии и простор за отворање нови пазари во светот на полето каде што некогаш била активна Југославија
По повеќе од половина век или, поточно, по шест декади, градот Белград е домаќин на Движењето на неврзаните. Србија и Азербејџан се домаќини на меѓународниот самит во Белград, во светлината на одбележувањето на 60-годишнината од првата конференција на Движењето на неврзаните, кога лидерите на 25 земји ја реализираа идејата за формирање движење што ќе биде противтежа на блоковската поделеност во светот. Колку е навистина големо и значајно Движењето на неврзаните говори фактот дека станува збор за најмногубројната група на земји веднаш по онаа на Обединетите нации.
За потсетување, името на меѓународната организација настанало како идеја дека на светот му е неопходно движење што ќе биде политичка алтернатива за државите што сакаат да избегнат да се определат за некој воено-политички блок и да артикулираат независен надворешнополитички пристап.
Според најавите на српските власти, а и според листата на пристигнати, на самитот учествуваат 105 странски делегации, 11 меѓународни организации со повеќе од 550 делегати. Меѓу гостите на собирот има неколку претседатели и премиери и околу 40 министри за надворешни работи, а за првпат е присутна и Русија, која има статус на набљудувач на организацијата, ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. За важноста и значењето на овој највисок политички собир зборува и податокот дека го обезбедуваат 3.243 припадници на Министерството за внатрешни работи.
Србија се врати меѓу неврзаните во 2001 година и сѐ уште има статус на набљудувач
Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, изјави дека собирот по повод 60-годишнината од Движењето на неврзаните е големо признание за државниот врв и граѓаните на неговата земја. Тој потсети дека Србија се врати меѓу неврзаните во 2001 година, по демократските промени, и оттогаш има статус на набљудувач во таа организација. Селаковиќ напомена дека стратегиската цел на Србија е членство во Европската Унија, но земјата притоа не се откажува од своите традиционални пријатели. Од своја страна, српскиот шеф на државата Александар Вучиќ во обраќањето истакна дека е време да се обноват идеите за политичка независност и заедничко дејствување на слободните земји во светот.
Тој додаде дека желбата е да ѝ се оддаде почит на првата конференција на неврзаните во Белград, која се одржа во 1961 година, за време на блоковските поделби, и која имаше големо историско значење за создавање поинаква визија за светот.
– Таа визија се заснова на меѓусебна соработка и почит кон државите и народите и во неа немаше место за доминација на една држава над друга. Сепак, се надевам дека нема да зборуваме само за минатото туку и за иднина што сакаме да ја градиме заедно, бидејќи сум убеден дека светот на дијалогот, компромисот и светот на мирот сѐ уште е можен и остварлив – истакна претседателот на Србија.
Движењето на неврзаните одлична меѓународна алатка за понеразвиените земји
По повод собирот во Белград, се консултиравме со регионални универзитетски професори и политички аналитичари, кои оценуваат дека Движењето на неврзаните во минатото, но и денес е одлична меѓународна алатка за ублажување на судирот меѓу суперсилите, кој во моментов е активен речиси идентично како во времето на Студената војна.
Професорот на Факултетот за политички науки во Белград, Иво Висковиќ на темата вели дека Студената војна во светот е повторно жива, но таа денес се одвива низ призмата и судирот на САД и Кина, за разлика од минатото, кога се кршеа копјата за влијание на Москва и Вашингтон. Тој потсетува дека „денес и во минатото“ има голема разлика како Белград е претставуван во оваа организација.
– Во минатото Белград беше главниот град на Југославија, која по својата економска моќ и влијание се вбројуваше во десетте најмоќни држави во светот, а сега состојбите не можат ниту да се споредат, иако Србија во моментов бележи прогрес во позитивна смисла на зборот – вели професорот.
Тој додава дека пред Движењето на неврзаните во овој момент на овој самит е и наоѓањето одговор на прашањето за неговото постоење, а тоа е како сојузот да прерасне во алатка во меѓународната политика, која навистина ќе биде противтежа на Западот и новиот Исток, кој сега го предводи Кина, за разлика од минатото, кога тоа беше СССР.
– Трката за вооружување меѓу државите е активна повеќе од кога било, дури повеќе од времето на Студената војна. Дополнително, денес економската битка за надмоќ е многу поактивна од минатото, а сето тоа најмногу може да се препознае во глобалната трка во развој на паметни технологии. Сите овие процеси се основа врз која неврзаните треба сега да ги изградат своите политики и да се насочат како тие ќе дејствуваат во иднина – вели професорот.
Тој додава дека во годините што следуваат за организацијата предизвик ќе биде и наоѓањето механизми како да се надмине декларативниот статус на движењето, бидејќи во последните години од постоењето на СФРЈ сето тоа беше маргинализирано.
Професорот напоменува дека ако навистина некој има заложба повторно да го заживее ова движење, треба да знае дека состојбите денес се многу покомплицирани од оние во времето кога беше активна т.н. железна завеса, бидејќи живееме во дигитален мултикултурен свет со многу непознати. Белградскиот политички аналитичар Александар Бечиќ, пак, оценува дека Движењето на неврзаните сега, за разлика од минатото, првенствено значи економска алатка за развој на домашните индустрии и простор за отворање нови пазари во светот на полето, каде што некогаш била активна Југославија. Според него, сите земји денес, како и во времето на Студената војна, имаат слични проблеми.
– Ова меѓународно движење е добра алтернатива да постои во модерното време, за да се има сосема нов одговор на тероризмот, организираниот криминал, но и на битката со пандемијата, за кои во моментов немаат најдобро решение активните меѓународни сојузи што се занимаваат со решавање на овие проблематики – вели Бечиќ.
Македонија индиферентна кон Движењето на неврзаните?
На самитот во Белград учествуваат и земјите наследнички на некогашна СФРЈ, како набљудувачи, но овој пат Македонија ја нема на листата на учеснички. За да бидат работите појасни, ние како сукцесор на земјата основач во движењето имаме статус на гостин. Според тоа, ако аплицираме, голема е веројатноста да добиеме статус на набљудувач, а подоцна и на полноправен член.
Но се добива впечаток дека нашата земја го игнорира Движењето на неврзаните, бидејќи досега сме биле учесници само на самитот во Шарм ел Шеик во Египет, од 11 до 16 јули 2009 година, и малку пред тоа, од 27 до 30 април, на Министерската конференција во Хавана, која всушност беше подготовка за самитот. За потсетување, македонската делегација тогаш и на двата собира ја предводеше Зоран Дабиќ, дипломат од кариера, поранешен амбасадор во ОБСЕ, НАТО и ООН. На овие два големи собира присуствуваме со статус на гостин, но она што е најважно е дека таму бевме претставени и примени под нашето уставно име.
Оттогаш Македонија не учествувала на ниеден собир на Движењето на неврзаните.