Лидерите од Западен Балкан, по свечената вечера во Брисел, излегоа со песимистички видувања за брзото интегрирање на земјите од регионот во Европската Унија, а претседателите на Црна Гора и на Србија отворено се посомневаа во дадените ветувања за „европската перспектива на Балканот“

ЛИДЕРИТЕ ОД БАЛКАНОТ НА СВЕЧЕНА ВЕЧЕРА ВО БРИСЕЛ СО ДОМАЌИНИТЕ НА ЕУ

Уште една декларативна потврда на европската перспектива на Западен Балкан пристигна од Брисел. На свечената вечера организирана од високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, која поминала во „отворена и искрена атмосфера“, лидерите на Западен Балкан се согласиле дека интеграцијата на регионот е клучната стратегиска цел во заедничкиот интерес на ЕУ и регионот, информира Европската надворешнополитичка служба (ЕЕАС). Покрај дипломатско сроченото соопштение од прес-службите на ЕУ, претседателите од регионот ги искажаа своите впечатоци од свечената вечера, а од нивните изјави се добива впечаток дека тие не биле задоволни од „политичкото мени“ што било послужено од домаќините. Најотворен во искажувањето на сопственото видување по средбата беше претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кој изјави дека земјите од Западен Балкан сега се подалеку од ЕУ отколку во 2014 година.
– Ова е последен момент да ги направиме јасни нашите односи со ЕУ. Мора да знаеме дали е навистина реална перспективата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија во скоро време и мора да дефинираме јасна временска рамка – рече Ѓукановиќ по работната вечера со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Во спротивно, како што напомена тој, празниот простор на Западен Балкан ќе го користат трети земји, а одговорот на ЕУ на европската перспектива на Западен Балкан е „минимум точност и одговорност за партнерство“.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека атмосферата била коректна и дека немало меѓусебни провокации, но напомена дека администрацијата во Брисел нема доволен увид во тоа што е направено од земјите од регионот за нивното меѓусебно поврзување. Но затоа српскиот претседател Александар Вучиќ за време на состанокот на процесот Брдо-Бриони кажа дека не верува дека Европската Унија во моментов сериозно размислува за проширување.
– И да исполневме и да постигневме компромис меѓу Белград и Приштина, што очигледно не е реално, пак немаше да бидеме дел од Европската Унија – кажа српскиот претседател.
Со намалени очекувања од брзото почнување на пристапните преговори меѓу Македонија и Европската Унија е и македонскиот премиер Зоран Заев, кој пред средбата во Брисел истакна дека „државата си ги завршила своите обврски“, а сега е време „ЕУ да го испорача ветеното кон нас“:
– Очекуваме да нема натамошно одложување, очекуваме одлука за прифаќање на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Претставниците на ЕУ знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет и македонскиот јазик не се и никогаш нема да бидат за преговори. Во секој момент сме подготвени и имаме апсолутно добра волја за прашања од билатерален карактер да разговараме со Бугарија во секое време, без тоа да влијае на нашето пристапување во ЕУ – изјави Заев.
Дописникот на Радио Слободна Европа, Рикард Јозвијак, во пресрет на организирањето на вечерата во Брисел, напиша дека исходот на секоја ваква средба и самити ЕУ – Западен Балкан ќе биде со истата и стара декларација за европската перспектива на регионот, но додава дека не треба да се прашува за временска и просторна одредница.
– Да се слуша како Европската Унија пристапува кон Западен Балкан е малку како да сте заглавени во просторија со изгребана плоча, која ја свири истата стара мелодија. Тоа е истиот сладок рефрен што ветува прекрасна иднина заедно, но „каде“ и „кога“ – напиша тој на својот блог, а неговите погледи беа објавени и на РСЕ.

Истата приказна, како што напомена тој, се повторува од Солун во 2003 година, кога лидерите на ЕУ првпат изјавија дека земјите од Западен Балкан еден ден ќе станат членки на ЕУ – тие имаат, како што рекоа, „европска перспектива“. Причината за овој песимизам може да е содржана во нешто што се случи ден по Советот за надворешни работи на ЕУ. Нема никаква врска директно со Западен Балкан, туку со сето она како навистина функционира политиката во Унијата. Станува збор за интервју дадено за француската телевизија на 11 мај од поранешниот главен преговарач на ЕУ за брегзитот, Мишел Барние, кој сугерираше дека Франција треба до пет години да ја прекине имиграцијата надвор од ЕУ и дека Париз треба активно да работи на заострување на надворешните граници на шенген-зоната. Тој притоа направи врска помеѓу имиграциските текови кон Европа и терористичките мрежи.
– Во секој случај, оваа епизода покажува две работи што се штетни за аспирациите на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Прво, тоа демонстрира дека меѓу европските политичари сè уште постои стара традиција да се каже едно нешто во Брисел, а потоа нешто радикално различно во националните метрополи за да се задоволат локалните вкусови. И второ, и можеби уште поважно, новото лице на Барние ја покажува моменталната политичка клима во една од клучните членки на Унијата. Тоа надвор не дава многу оптимизам. Наместо тоа, станува збор за градење „тврдина Европа“ – и Французите не се сами на овој пристап. Всушност, комбинацијата од двете дава целосен приказ за Унијата кога станува збор за Западен Балкан – посочува Рикард Јозвијак.

Во меѓувреме, Советот на министри на Европската Унија донесе одлука да се примени новата методологија за проширување со Србија и со Црна Гора, а високи претставници на Унијата истакнаа дека владеењето на правото ќе стане столбот на преговорите за членство за пристапување. Во однос на Македонија, ставот на Брисел е дека треба да се надмине спорот со Бугарија, која инсистира на признавање заедничка историја, како и нејзиниот став за (не)постоењето на македонскиот јазик и народ. Во однос на очекувањата за европската перспектива на Босна и Херцеговина, претседателот на Советот на министри, Зоран Тегелтија, порача дека на Босна и Херцеговина ѝ требаат добри вести од Брисел, а тоа е добивање кандидатски статус, без да биде дополнително условена со одредени измени во Изборниот закон на БиХ и за тоа да нема промени во Уставот.