Вакцинираните патници не мора да бидат тестирани или сместени во карантин доколку при влез во земјата покажат потврда за вакцинација, најави грчкиот министер за туризам
Министерството за туризам на Грција ги разгледува условите под кои туристите годинава ќе може да ја посетат земјата. Како што пренесуваат медиумите во регионот, сите граѓани што ќе бидат вакцинирани во Грција ќе добијат дигитален сертификат, а слични потврди планираат да воведат и поголемиот дел европски земји. Во Грција до крајот на пандемијата ќе постојат две категории на туристи – тие што се вакцинирани и тие што не се, најави министерот за туризам Харис Теохарис. Во разговор за грчки медиум, тој нагласи дека вакцинираните патници не мора да бидат тестирани или сместени во карантин доколку при влез во земјата покажат потврда за вакцинација.
За туристите што не се вакцинирале ќе бидат проширени мерките за контрола на границата.
– Вакцинацијата има директно позитивно влијание на две нивоа. Прво, грчките граѓани, а особено во ризичните категории, ќе бидат побезбедни. Стопанската активност полека ќе се врати на вообичаеното темпо. Второ, вакцинацијата ќе создаде клима на оптимизам, а тоа ќе се одрази и на туристичките резервации од земјите што нас нѐ интересираат, како што се Германија, Велика Британија, Франција, Италија – вели Теохарис.
За туристите што не примиле вакцина против ковид-19, превентивните мерки ќе зависат од текот на вакцинацијата и од епидемиолошката состојба во земјата од која доаѓаат.
– До март би требало да се знае дали Грција ќе им дозволи на српските туристи да летуваат на Егејот. Ова треба да биде решено со билатерален договор меѓу двете земји, а од српска страна се предлага „кипарскиот модел“. Кипар ги подели земјите во четири категории во зависност од епидемиолошката состојба – изјави Александар Сеничиќ, директор на Здружението на туристички агенции во Србија, во изјава за магазинот „Новости“.
Туристите што доаѓаат од црвената зона мора да имаат ПЦР-тест и патничко осигурување, а може да бидат тестирани повторно на границата. Туристите од жолтата зона мора да имаат осигурување и ПЦР-тест. Од сивата зона се тестираат на границата само туристи според слободен избор. За патниците од зелената зона е потребно само ковид-осигурување. Предлогот на српските агенции е на границата при влез во Грција да се прават брзи тестови, кои чинат по 30 евра. Најверојатно со почетокот на масовната вакцинација сертификатот ќе биде главен услов за патување во Грција.
По празниците, Грција ја продолжи одлуката за ограничување на копнените поврзувања на земјата и за забраната за влез на државјани од трети земји до 21 јануари. Oдлуката се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон Грција. За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас/Кулата и само со негативен молекуларен тест за ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од брзиот тест направен на влезот во Грција. Од другите гранични премини што се отворени, односно Евзони/Богородица кон Северна Македонија, Какавија кон Албанија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР-тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти.