Возачот на автобусот, во кој загинаа 10 лица, а над 40 беа повредени вчера наутро во близина на Славонски Брод, денеска ќе се појави пред Државното обвинителство на Хрватска, а е осомничен за предизвикување на сообраќајна несреќа, за која е предвидена максимална казна до 15 години затвор.
Хрватската полиција објави дека е утврден идентитетот на осуммина загинати, додека постапката за идентификување на остантите двајца починати патници продолжува.
Во соопштението од полицијата се наведува дека возачот, 52-годишен државјанин на Косово, со кривична пријава под сомнение дека предизвикал сообраќајна незгода, е предаден на надзорникот за притвор, а потоа ќе биде предаден на државното обвинителство во Славонски Брод за понатамошна постапка, пренесе хрватски „Индекс“.
Досега полицијата утврди дека 52-годишниот косовски државјанин, кој управувал автобус со косовски национални ознаки, не се движел по средината на обележаната сообраќајна лента, туку преминал во тревата покрај патот, а потоа автобусот се превртел на страна.
Во оваа сообраќајна несреќа загинаа 10 лица, 15 лица се здобија со тешки, додека 30 лица со полесни повреди.
Повредените биле пренесени во болница во Славонски Брод за укажување на лекарска помош, каде некои од нив се задржани на понатамошно лекување.