Годишен осврт на Стејт департментот за состојбата во Западен Балкан
Високата корупција во власта и судството, ограничувањата на слободата во изразувањето, нападите врз новинарите и насилството врз лицата од невладините организации повторно се меѓу главните забелешки за непочитување на човековите права во земјите од Западен Балкан, кои се содржани во годишниот извештај на Стејт департментот. И во 2020 година состојбата со човековите права во овие земји е непроменета, со мали или незначителни подобрувања во некои делови. Повторно најлоши се оцените за корупцијата во судскиот систем и полицијата во процесирањето дела што се однесуваат на високи државни функционери
Србија: Ограничен медиумски пристап за опозицијата
Во земјата постојат ограничувања во човековите права, а кои се однесуваат на слободата на изразување, закани со насилство, корупција на високо ниво и насилство против припадницата на ЛГБТ-заедницата. Државните органи презеле чекори за идентификување на насилниците, но повеќето набљудувачи веруваат дека многубројните случаи на корупција, на општествено и семејно насилство и на други малтретирања поминуваат непријавено и неказнето, пренесува „Гласот на Америка“.
Парламентарните избори беа спроведени на ефикасен начин, а поради доминацијата на владејачката партија, оневозможен е пристап на опозицијата до медиумите, што го ограничува изборот на граѓаните. Во делот на независноста на судството се наведува дека судовите и натаму се подложни на корупција и на политичко влијание.
Невладините организации пријавиле прекумерна, неоправдана и незаконска примена на сила против демонстрантите во Белград, посочувајќи ги наводните сторители од полицијата и другите неидентификувани лица.
– Наводно, припадници на неформалните криминални групи тесно се поврзани со Министерството за внатрешни работи. Народниот правобранител поведе истрага за полициските акции и заклучи дека полицијата не користела прекумерна сила против учесниците, освен во некои поединечни случаи, кои треба да бидат предмет на истрагата – се наведува во извештајот на Стејт департментот.
Се забележува и дека власта во Србија е недоволно ефикасна кога станува збор за високи полициски службеници што се обвинети за кривични дела.
Црна Гора: Длабоки национални поделби
Корупција, недоверба на граѓаните во државните институции, влијание на владата врз полицијата се клучните проблеми на Црна Гора во минатата година, кога на власт беше партијата на актуелниот претседател на државата Мило Ѓукановиќ, кои се наведени во извештајот на Стејт департментот.
Најчесто официјални лица неказнето се занимаваат со корупција. Јавноста корупцијата во вработувањето, кое е засновано на лични односи или политичка припадност, ја смета за ендемска појава, во јавниот сектор на национално и локално ниво. Парламентарните извори во ЦГ беа спроведени во високополаризирано опкружување за прашањата за религијата, националниот идентитет и корупцијата. ОДИХР објави дека изборите во целина биле транспарентни и ефикасни, но се забележува дека владејачката партија стекнала непримерна предност во злоупотребата на положбата и државните ресурси и со доминација на медиумскиот простор.
Во текот на протестите против новиот закон за вероисповед, полицијата употребила прекумерна сила при приведувањето на демонстрантите. Според податоците на Српската православна црква, повеќе од 100 свештени лица биле повикани на сослушување или апсени и казнети поради непочитување на превентивните здравствени мерки.
– Политичкиот притисок, корупцијата и непотизмот влијаат врз обвинителите и судиите – пренесува „Вијести“ делови од извештајот на Стејт департментот.
Се посочува и на забелешките на ГРЕКО за алармантен недостиг од напредок во системот и независност на Судскиот совет, тело што е задолжено за одржување на независноста и автономијата на судовите.
БиХ: Корупцијата ја уништува земјата
Застрашувањата, вознемирувањата и заканите и со смрт на новинари продолжија и во 2020 година, без системски одговор на власта, посочуваат од Стејт департментот во делот за почитување на човековите права за Босна и Херцеговина. Како проблем се споменува злоупотребата на рестриктивните мерки за спречување на пандемијата со коронавирусот, преку ограничување на пристапот до информации. Здружението на новинарите предупреди дека МВР на Федерацијата БиХ и единиците за сајбер-криминал почнале надзор на информациите на социјалните мрежи и биле поведени кривични постапки поради наводно ширење лажни информации и паника. Во американскиот извештај се наведува дека од организацијата за помош на новинарите има голем број тужби и клевети против новинари и уредници, особено оние што ги истражуваат криминалот и корупцијата. Во медиумското покривање на настаните преовладуваат „националистичката реторика и етничката и политичка припадност“, а често се поттикнува и нетрпеливост и омраза меѓу луѓето.
Корупцијата во врска со јавните набавки е како зараза што ја уништува БиХ, според Ерик Ларсон од американската амбасада во БиХ, кој е советник за борба против корупција во Одделението на Кантонот Сараево.
– Не станува збор само за луѓето што можеби добиваат работи што не ги заслужуваат, корупцијата е егзистенцијална криза во БиХ. Земјата буквално умира од корупција, луѓето заминуваат, бидејќи мислат дека не можат да добијат работи без некои врски – вели Ларсон за Радио Слободна Европа.
Македонија: Одолжување на судските пресуди
Обвинителите често ги пробиваат законските рокови за комплетирање на истрагите, а за тоа не преземаат никакви последици. Според законот, истрагите треба да се завршат за шест месеци, а роковите може да се продолжат до 12 и 18 месеци за покомплексните случаи на организиран криминал со дозвола на претпоставениот, но во практика обвинителите често ги пробиваат роковите. Ова се посочува во најновиот извештај за состојбата на човековите права на американскиот Стејт департмент за Северна Македонија. Во него се забележува дека судската непримерност, прекумерниот притисок врз судиите, одложената правда и несоодветното финансирање на правосудството и обвинителството и натаму ги попречуваат работата и ефикасноста на судовите, пренесува „Дојче веле“.
Стејт департментот укажува дека Владата демонстрира поголема почит за независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години. Во извештајот се посочува и на случаи на насилство и закани кон новинари, корупција на високо ниво, примери на насилство и закани кон членови на ЛГБТИ-заедницата. Во однос на корупцијата, законот предвидува кривични казни за корупција од страна на официјални лица, но постојат извештаи дека официјални лица биле вмешани во корупција.
Извештајот на САД за човековите права ја нагласува влошената слика за односите на Бугарија и Македонија. Во него се критикува и односот на властите во Бугарија, кои не дозволуваат регистрација на групите активисти на етнички Македонци.