Србија
Србија неодамна ги врати во земјата сите резерви на злато складирани во странство и во моментов има 37,2 тони од овој благороден метал во вредност од 1,9 милијарда евра, соопшти Народната банка на Србија (НБС). Како причини за враќање на златните прачки од сефовите во Швајцарија и во Англија, НБС наведе дека во средина на зголемена глобална несигурност, сака дополнително да ги зголеми безбедноста и достапноста на своето монетарно злато. Иако во последната деценија многу земји во светот се враќаат на купување и складирање злато како најтрадиционална форма за заштита од инфлација, малку се оние што ги вратиле целосните резерви во своите сефови.
Гувернерката на НБС, Јоргованка Табаковиќ, на 23 ноември изјави дека „по пораката на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, веднаш, во рок од два месеца, го организирала трансферот на сите златни резерви во Србија“. Како што изјави српската гувернерка за медиумите, пред неколку месеци, по средбата со претставниците на Меѓународниот монетарен фонд, Вучиќ прашал „дали златните резерви на Србија се безбедни“ и таа му одговорила дека се во странство, во Берн, Швајцарија, и во Лондон. По ова, српскиот претседател ја посоветувал да ги повлече сите златни резерви назад во земјата.
– Реков дека се во странство, во Берн, Швајцарија, и дека има еден тон во Лондон. Претседателот на тоа ме посоветува дека треба сето злато да биде овде, во Србија, со појаснување дека нешто драматично се случува во светот – изјави Табаковиќ за ТВ Пинк.