Назначувањето на Ричард Гренел за специјален претставник на САД во преговорите помеѓу Белград и Приштина, наводно, претставува добра вест за оние што се залагаат за промена на границите, според одредени толкувања, пренесува „Јуропиан вестерн балканс“.
– Амбасадорот Гренел е познат по блиските врски со Џон Болтон, кој беше еден од првите што ја поддржа идејата за демаркација, размена на територии, промена на границите, како и да сакате да го дефинирате. А ова е идеја што е блиска и на претседателот Александар Вучиќ, па затоа моментно, и Вучиќ и Тачи можат да бидат задоволни со назначувањето на Гренел – истакна Бошко Јакшиќ, коментаторот на надворешнополитички теми од „Политика“ во изјава за телевизијата Н1.
Американските медиуми известија оти Гренел со назначувањето добил мандат за мировни преговори. Според „Вашингтон тајмс“, Гренел, кој е американски амбасадор во Берлин, ќе ја задржи сегашната функција и паралелно ќе работи на намалување на тензиите помеѓу Србија и Косово.
„Дојче веле“ наведува дека Гренел е сметан за човек од доверба на американскиот претседател Доналд Трамп, како и за директен дипломат кој не покажува воздржаност кога станува збор за мешањето во германската политика. Гласот на Америка исто така објавува оти мандатот на Гренел во Германија бил одбележан со контроверзи уште од првиот ден. Тој бил критикуван од германската влада откако побарал од германските компании да ја прекинат соработката со Иран, а истакнал и дека Германија треба да користи американски, а не руски гас.