Имотите на Србите што се наоѓаат на атрактивни локации во Косово се продаваат за мали пари или се даваат под закуп на 99 години, додека судовите во Приштина ги одолжуваат постапките по поднесените 70.000 приватни тужби
Србите од Косово поднеле околу 70 илјади барања за враќање на узурпираниот приватен имот, а косовските власти одолжуваат со судските процеси за решавање на правото на сопственост, додека во меѓувреме се продаваат имотите на трети лица. Меѓу илјадниците предмети се наоѓа и барањето на Велимир Крстиќ, кој во 1999 година со КФОР склучил договор за закуп на земјиште, во близината на општинските граници меѓу Приштина и Грачаница. Кога се обидел да се врати на земјиштето, затекнал луѓе како градат.
– Кога им го покажав документот, ми кажаа дека не важи и морав да извадам нов. На мојот плац е изграден кванташки пазар. На површина од 40 ари се изградени шест објекти. Ги имам сите потребни документи што потврдуваат дека земјата е моја. Тужбата ја поднесов во 2006 година, затоа што претходно морав сѐ да поделам со браќата. Поднесов жалби на 73 адреси. Од КФОР и британската амбасада не сакаа да ме примат. Многу пари дадов за тужби и адвокати – вели Крстиќ за „Спутник“.
Адвокатката Јована Филиповиќ, која се занимава со сопственички односи, води околу 80 слични предмети, но ниту еден нема разврска. Таа објаснува дека новоформираната косовска агенција за приватизација направила нови катастарски книги. Со тоа е присвоен целиот имот на граѓаните.
– Присвоен е и имотот од земјоделските задруги, иако со денационализацијата им е вратен на приватни лица. Така, како сопственици се водат земјоделските задруги, а со тоа автоматски имотот го презема Агенцијата за приватизација – вели Филиповиќ.
Имотот на Србите што се наоѓаат на атрактивни локации се продаваат за мали пари или се дава под закуп на 99 години. Судовите во Приштина ги одолжуваат овие постапки, но нема никакви шанси приватните лица да ги изгубат овие спорови, затоа што поседуваат валидни документи.
Професорот на Правниот факултет на Универзитетот во Косовска Митровица, Душко Челиќ, вели дека проблемите настанале со префрлањето на надлежностите меѓу УНМИК и ЕУЛЕКС. Прашањето за приватната сопственост на граѓаните беше дел од прашањата што беа на дневен ред на една од сесиите од политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина. Професорот Челиќ нагласува дека на дело е еден вид „етнички инженеринг“, преку бесправна узурпација на приватниот имот на српското население на Косово.
Повеќето од предметите се водат за сопственост на земјиште и куќи што се јужно од Ибар, а имотите на Србите денеска се најзагрозени во централниот дел на Косово. Дополнителен проблем претставува тоа што не помага ни системот за бесплатна правна помош, што се спроведува со проекти од Европската Унија.
– Узурпацијата на приватните имоти не може да се реши во рамките на поединечните тужби и предмети. Неопходно е да се инсистира на враќање на извршниот мандат, дали во форма како со ЕУЛЕКС, УМНИК или некоја трета варијанта, тоа е работа на политиката. Но искуството за периодот од 11 години, покажа дека косовското правосудство не е дел од решението, туку претставува главен проблем. Ова прашање мора да биде во високите приоритети кога се водат преговорите во Брисел – вели Челиќ.
По поднесувањето обвинение против поранешното водство на ОВК, дијалогот меѓу Белград и Приштина е во привремен застој. Со изборот на новиот американски претседател Џо Бајден се очекува да продолжат средбите меѓу високите претставници од Србија и од Косово, на кои претходно беа отворени прашањата за имотот на граѓаните, но и за сопственоста на големите стопански објекти на Косово.