Над 440 лица се повредени минатата ноќ при судир меѓу романската полиција и учесници на антивладините протести во Букурешт, што ги организираа Романците кои живеат во странство.
До судирите дојде кога дел од учесниците на протестите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон пред зградата на романската Влада, каде што се одржуваше протестот.
Романските медиуми јавија дека полицијата во неколку наврати користела солзавец и водени топови за разбивање на демонстрантите. При полициската интервенција се приведени повеќе лица, но нивниот број засега не е познат.
Медицински извори соопштија дека меѓу повредените има и демонстранти и полицајци, од кои некои имале и повреди на главите.
„Аџерпрес“, повикувајќи се на полициски извори, јави дека при судирите биле повредените 24 полицајци.
Романскиот претседател Клаус Јоханес, кој потекнува од редовите на опозицијата, остро ја осуди, како што рече, „бруталната интервенција на полицијата“ за разбивање на демонстрантите, обвинивајќи ги полицијаците за примена не прекумерна сила.
Според полициски извори на протестите во Букурешт учествувале околу 20.000 лица. Демонстрантите носеа романски и знамиња на Европска унија и извикуваат „Правда, а не корупција“.
Паралелно со протестот во Букурешт, антивладини демонстрации на дијаспората се одржаа и во други романски градови.
Припадниците на романската дијаспора кои пристигнаа на протестите од повеќе европски држави се незадооволни на начинот на кој се управува со Романија.
Во странство живеат околу три милиони Романци, кои тврдат дека ја напуштиле земјата поради корупција, малите плати и недостиг на можности.