Пожарите што вчера избувнаа на југот на Грција сè уште беснеат и уништуваат куќи и хектари шумски области. Над илјада луѓе беа евакуирани од шест населени места во јужна Грција.
Во обид да го контролираат пожарот, 236 пожарникари беа распоредени во населбата Кенхреи во близина на градот Коринт, заедно со 54 возила, шест хеликоптери и четири авиони.
Засега нема извештаи за евентуални жртви.
Пожарникарите ги евакуирале жителите на селото Атикија, како и децата од блискиот летен камп и неколку други станбени области.
Локалните медиуми јавуваат дека избувнале уште пет пожари во јужна Грција и во други делови на земјата.
Во јули 2018 година, Грција претрпе еден од најголемите пожари во својата историја во крајбрежното одморалиште Мати и другите области источно од Атина, во кои загинаа 102 лица. Уништени беа повеќе од илјада домови.