Во добро организиран грабеж, непознати сторители од куќата на седумдесетгодишниот Гроздан Станковиќ од Лесковац украле сеф полн со пари и злато. Како што тврди Станковиќ, во сефот имало половина милион евра што ги заработил во Австралија, па сега тој се плаши за својата безбедност и мисли дека некој го следи.
Овој гастарбајтер од Австралија тврди дека во сефот била целата негова заштеда, 100.000 евра во злато, уште толку на хартија, околу 200.000 австралиски и 100.000 американски долари, пренесоа белградските медиуми.
-Кражбата се случи уште на 19 мај додека бев со мој роднина на вечера во Лесковац. Полицијата до ден денес никој нема приведено, иако кажав во кого се сомневам – рекол Станковиќ.
Тој се сомнева дека станува збор за добро организирана акција, бидејќи куќата била „покриена“ со дури 12 камери, а крадците очигледно точно знаеле каде се наоѓаат.
Крадците, всушност, влегле во куќата од прозорецот на тоалетот, ги пребарале собите и го обиле сефот во спалната соба. Покрај парите тие го украле и пиштолот што го криел под перница, како и еден ловечки нож.
Станковиќ веќе 40 години работел во Австралија, каде што имал своја сопствена фирма „Балкан Експо”, а пред три години се вратил во својот роден град.