Во врска со оставката на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, се огласи и најголемата косовска опозициска партија, Демократски сојуз. Лидерот на партијата, Иса Мустафа, вели дека неговата партија ја барала оставката на Харадинај, но оти жали затоа што тоа се случило поради Специјалниот суд за воени злосторства во Косово.
Шефот на косовската опозиција во објава на Фејсбук изрази уверување дека „невиноста на Харадинај ќе биде докажана и овој пат“.
– ЛДК во континуитет бараше од оваа влада да поднесе оставка, но чувствуваме жалење што ова се случува поради покана од Специјалните комори за воени злосторства во 1999 година во Косово. Силно верувам дека борбата на Ослободителната војска на Косово беше праведна и чиста и исто така верувам дека невиноста на господинот Харадинај ќе биде докажана и овој пат – напиша Мустафа.
Харадинај денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата премиер, откако доби покана од Специјалниот суд како осомничен за воени злосторства.