Стариот мост во Мостар е меѓу спомениците во светот, кој ги привлекува вљубените парови за да ги одржат церемониите за венчавка. Од почетокот на март, познат американски сајт го стави Мостар на прво место на листата на најромантичните градови на светот, посочувајќи дека Стариот мост станал симбол на љубовта и место за поврзување на луѓето на кое се случиле голем број запросувања и венчавки.
Последниот таков случај е венчавката на Ада Хусовиќ и на Бард Бехлули, кои допатуваа од Америка за да го кажат судбоносното да во најголемиот град на Неретва, кој се промовира како идеален спој на романтика и на богато културно и историско наследство. На листата се многу парови од светот што токму на тоа место ја организирале својата венчавка, а камениот лак на Стариот мост го има и во многу албуми од свадбите на повеќе парови од Босна и Херцеговина. Со ова т.н. свадбен туризам, кој последните години го има сѐ повеќе во светот, е сѐ поприсутен и во Мостар.
Во Туристичката заедница на Херцеговскиот-неретвански кантон немаат конкретни податоци за ваквиот вид туризам, но сметаат дека Мостар треба да продолжи да се промовира како добра дестинација за посета на идните младенци.
– Во овој сегмент треба многу да се вложува, но секако дека имаме добри локации, одлични сместувачки капацитети и богата гастрономска понуда. На следните европските саеми за туризам нашите настапи ќе ги насочуваме и во тој правец – вели Семир Темим, заменик-директор на мостарската туристичка заедница.