Секоја година се регистрираат по неколку сведоштва на родители и роднини од Босна и Херцеговина, кои се однесуваат за исчезнати новороденчиња
Законот за исчезнати бебиња, кој врз основа на препораките на Советот на Европа треба да биде донесен од Собранието на Србија, нестрпливо го очекуваат стотина семејства од Босна и Херцеговина. Застрашувачки податоци за судбината на исчезнати деца, исповеди на мајките и на блиски роднини, секојдневно се објавуваат на веб-страницата, на која може да се најдат и сведоштва од граѓани на Босна и Херцеговина. На сајтот на „Дневни аваз“ се споменува и процената на Здружението на родители за 10.000 исчезнати бебиња од Србија и од БиХ, кои биле продавани по цена од 15 до 45 илјади евра.
Европскиот суд во Стразбур во 2014 година објави дека имаат забележано 600 случаи на исчезнати бебиња, а од здружението истакнуваат дека станува збор за многу поголема бројка. Кога станува збор за БиХ, на страницата Кражбанабебиња.орг секоја година се регистрираат по неколку сведоштва на родители и роднини што пријавуваат исчезнување на бебиња. Забележливо е тоа што, главно, таквите случаи се однесуваат за регионот на Зеница и Тузла.
За ваков случај долги години говори и брачната двојка Драгица и Горан П. Тие тврдат дека нивните близнаци, кои се родени на 5 август 1993 година на Гинеколошко-акушерската клиника во кантонот Тузла, се најверојатно украдени.
Од здравствената институција во Тузла, по анализата на болничката документација, соопштиле дека бебињата починале поради незрелост на белите дробови, што се јавува кај предвреме родените деца, а мајката била отпуштена од болницата по нормално извршеното породување. За слични случаи се споменува и болницата во Зеница. Во контекст на оваа приказна, „Аваз“ пишува дека Адаптацискиот центар од Данска се обратил на Центарот за социјална работа и Собранието на градот Зеница за усвојување 150 југословенски деца.
Меѓу многуте случаи, се пренесува и сведоштвото на Невенка М., која живее во војводинското место Ириг, а која долги години трага по синот. Таа ја обвини болницата во Зеница дека пред 31 година, по породувањето, ѝ го украле синот близнак.
– Се породив на 29 јули 1983 година во зеничката болница. На свет ги донесов близначиња Дејан и Предраг. Породувањето беше со царски рез, по операцијата лежев во шок-соба и бев во тешка состојба. Тешко ја прими веста дека едното бебето починало – изјави таа за „Аваз“.
Во болницата не сакале да ѝ ја прифатат молбата нејзиниот сопруг да го види телото на бебето.
– На сопругот му рекле да ја уплати сумата за трошоците за погреб, но не му било дозволено да го види детето иако го барал тоа. Никогаш не дознав каде е погребано бебето – појаснува Невенка.
По својот брат близнак долги години трага и младиот инженер по рударство Мурис Демировиќ. Двајцата биле родени на 22 мај 1991 година во клиниката во Тузла, а поради компликации итно биле префрлени во Белград. По болничкото лекување, бил вратен само Мурис, а брат му се води како починат.
Родителите и семејствата од Здружението на исчезнати бебиња се уверени дека нивните деца живеат некаде во Шведска, Данска, Норвешка и во Франција. За исчезнатите бебиња никој не зборува во БиХ.
Европскиот суд за човекови права во март 2013 година пресуди против државата Србија, која мора да ѝ исплати на Зорица Јовановиќ 10.000 евра на име на нематеријална штета и да ѝ се обезбеди информација за судбината на нејзиното новороденче што исчезнало од болницата во Ќуприја.