Од над милион и шестотини илјади регистрирани автомобили во Хрватска, речиси 70 отсто се постари од десет години. Експертите предупредуваат дека 400 илјади возила претставуваат голем ризик во сообраќајот, односно една од причините за сообраќајните несреќи се застарените делови на возилата.

Просечната старост на патничките возила во Хрватска се повеќе од 13 години. Значителен број возилата што учествувале во несреќи со смртни последици на патниците имале старост над просекот на хрватскиот возен парк.

– Ова е егзактен показател дека возилата што се постари се и поопасни – вели Горан Пејиќ од Центарот за возила во Хрватска.

Во 2008 година просечната старост на возилата била девет години, а годинава таа изнесува 12,5 години.
– Каросеријата ја нема повеќе функцијата како кај новиот автомобил. Поради староста на материјалот доаѓа до кршење на внатрешните делови на конструкцијата и доаѓа до тешки повреди за возачите и патниците – изјави сообраќајниот експерт Рајко Хорват за „Дневник“.

Состојбата не е подобра ни кај товарните возила. Просечната старост на регистрираните 135.000 возила изнесува 10,5 години.


Шарец: Хрватска има безбедносни проблеми

Можниот влез на Хрватска во шенген-зоната зависи првенствено од безбедносните критериуми што треба да ги исполни оваа земја, а не од Словенија, изјави словенечкиот премиер Марјан Шарец.
– Ова не зависи од нас, но вистината е дека сум загрижен за безбедносната ситуација на границата на Хрватска кон Србија и Босна и Херцеговина. Хрватска би требало подобро да ја штити надворешната граница со Европската Унија, за да оневозможи преку нејзината територија да влегуваат илегални мигранти во Словенија и сегашниот шенгенски простор – изјави Шарец, за Словенечкото радио.
На прашањето дали откако Хрватска ги исполни техничките критериуми за влез во шенгенскиот простор Словенија политички ќе ја блокира поради арбитражниот спор, Шарец смета дека во овој момент не може да се говори за тоа.