Прогнозите на стопанствениците во Хрватска се дека малите и средните фирми не можат да издржат подолго од еден месец без економска активност, а според направената анкета, околу 90 отсто од нив се соочуваат со сериозна неликвидност. Бројот на невработените секојдневно се зголемува и во Србија и во Босна и Херцеговина
Од почетокот на примената на вонредните мерки за работа на стопанските субјекти во време на епидемија во Хрватска секој ден во бирото за вработување се јавуваат по илјада нови невработени лица. Најкритичниот ден бил на трети март, кога се пријавиле нови 1.658 работници што добиле отказ од своите работодавци. Состојбата со невработеноста во Босна и Херцеговина е уште поалармантна поради бавното донесување и усогласување на федералниот пакет економски мерки за справување со економските последици од коронавирусот. Само во еден ден во Илијаш, сопственикот на една компанија им се заблагодарил на 500 вработени, со ветување дека повторно ќе се видат по завршувањето на кризата. За една недела во оваа сараевска општина се изгубени илјада работни места.
Во Србија е забележан несекојдневен феномен на зголемување на бројот на нововработени лица, но тоа се должи на јавниот сектор, во кој беа примени во постојан работен однос лицата што работеа под договор, што се должи на вработувањето во здравството. Од друга страна, приливот на невработени од приватниот сектор во Националната служба за вработување се забрзува и покрај тоа што беа објавени мерките на Владата за зачувување на секое работно место во услови на ширење на вирусот.
Податоците за Хрватска, која прва влезе со рестриктивни мерки за спречување на ширењето на заразата, се загрижувачки. Од 20 март до 6 април без работа останале речиси 15.000 лица. Прогнозите на стопанствениците се дека малите и средните фирми не можат да издржат еден месец без економска активност, а според направената анкета, околу 90 отсто од нив се соочуваат со сериозна ликвидност.
„Индекс“ објави анализа според која 185 илјади работни места се загрозени во првиот месец од кризата, а доколку таа потрае три месеци, тој број ќе се искачи на 730 илјади работни места. Поради ова, во хрватските медиуми може да се сретне информацијата дека хрватската влада за Велигден размислува за намалување на строгите ограничувања за работа на некои сектори и фирми, а се најавува и отворање на пазарите.
Дражен Орешчанин, директор на ИТ-компанија, пред донесувањето на владиниот пакет од 64 мерки, изјави дека тие се целосно разочарување.
– Сѐ се сведува на грбот на претпријатијата. Ќе ни се случи цунами од откази. Владата целиот трошок од кризата го префрла на приватниот сектор и наместо да ги отпишува даночните долгови, таа ги кредитира компаниите – изјави Орешчанин за „Индекс“.
Што се однесува на мерката за исплата на минимална нето-плата, според хрватските претприемачи, тоа претставува олеснување за државата, затоа што таа ќе има поголеми трошоци по вработен доколку тој добие отказ. Во тој случај, работникот во наредните три месеци добива надомест за невработен од 3.600 куни, додека минималецот што го нуди државата е околу 3.250 куни.
Во Босна и Херцеговина повеќе од седум илјади работници останаа без работа поради корона-кризата, а оваа бројка секој ден се зголемува. Доколку реалниот сектор не добие адекватна помош за повторно почнување со бизнисот и со развојот, многу работници и по периодот на пандемијата ќе мораат да „останат дома“, информираат од синдикатите. Многу работодавци не веруваат дека мерките што се во најава од федералните и ентитетските власти ќе придонесат за враќање на нивото на економските активности пред епидемијата.
Аднан Влајичиќ, сопственик на туристичка агенција во Сараево, вели дека од јануари годинава се намалил обемот на работа, а откажување на резервациите за гости од Азија има и за јуни и јули, што значи пропаѓање на годинашната туристичка сезона. Иста е состојбата и во Бања Лука, каде што отказите во угостителскиот сектор се најголеми. Овие работници немаат ни алтернатива да работат како сезонски работници во соседните земји, а особено во Хрватска, која е сериозно погодена од падот на туристичката дејност.
Во Националната служба за вработување во Србија во текот на март и почетокот на април се пријавиле нови 3.667 лица. Од нив, две илјади биле во работен однос и поднеле барање за паричен надомест во случај на невработеност. Сепак, се претпоставува дека има повеќе невработени, затоа што немаат сите можност да се пријават преку интернет.
Професорот на Економскиот факултет во Белград вели дека падот на вработеноста е намален поради психолошкиот ефект од државните мерки врз работодавците, кои без таквите мерки полесно би се одлучиле да делат откази.
– Во реализација е стратегијата на купување време. Како ќе се одвива работата, никој не знае, бидејќи веќе се чувствува рецесијата, а следува и депресија. Подоцна ќе биде потребен период повторно да се воспостават врските што се раскинале за време на кризата – објаснува Михаил Арандаренко.
Јован Зубовиќ, директорот на Институтот за економски истражувања во Белград, посочува на анализите дека од првиот ден на кризата се загрозени 400 илјади работни места во Србија, претежно од хотелиерството, угостителството, производството и преработката на храна…
Во периодот на вонредна состојба, од 16 март до 31 март годинава, 32 работодавци во Србија ги отпуштиле своите вработени. Во исто време биле откриени 428 работници на црно. По прогласувањето на вонредната состојба, Инспекторатот за труд добил 221 пријава, што е за 15 пати повеќе од претходниот период.