Барањата на официјална Софија што беа упатени до Македонија, кои беа именувани како „декларација“, од чие целосно прифаќање ќе зависеше нивната позитивна согласност за почнување на преговорите со Европската Унија, предизвика голем број реакции и во другите соседни земји. Генералниот впечаток од извештаите на медиумите во регионот е дека Бугарија наметнува нови уцени кон Македонија.
Барањата на официјална Софија што беа упатени до Македонија, кои беа именувани како „декларација“, од чие целосно прифаќање ќе зависеше нивната позитивна согласност за почнување на преговорите со Европската Унија, предизвика голем број реакции и во другите соседни земји. Генералниот впечаток од извештаите на медиумите во регионот е дека Бугарија наметнува нови уцени кон Македонија, која беше принудена по две децении и речиси една година преговори да постигне договор со Грција, со преименувањето на уставното име на државата. За многу политички аналитичари и интелектуалци од регионот барањата што се усвоени од бугарската влада се уште покомплицирани и тие навлегуваат во историјата и националниот идентитет на Македонците.
Белградскиот весник „Новости“ во текстот за тоа дека „Софија сега ја уценува Македонија“, со наслов „Бугарија сака да ја испере историјата“, пишува дека владата на Софија усвоила повеќе од 20 барања кон Македонија како услов за почеток на преговори на Скопје со Европската Унија. Како „најшокантни“ се наведуваат оние со кои се ревидира историјата и се забрануваат називот македонски јазик и користењето на зборовите „бугарски фашистички окупатор“, со заклучок дека пред Скопје се поставени услови што речиси е невозможно да се исполнат.
– Историски факт е дека Бугарија од 19 април 1941 ги окупира Источна Србија и Македонија, како и делови на поранешена Југославија и на Грција и Албанија, а ова практично значи дека со овој чин бугарската влада се обидува да ја избрише својата срамна улога како сојузник на нацистичка Германија – пишува „Новости“.
Двете балкански земји, Македонија и Бугарија, кои пред две години потпишаа спогодба за добрососедски односи, се судрија околу потеклото на историската личност Гоце Делчев, прашање што го заостри речникот на високите државни политичари во земјите, пишува Порталб. Овој медиум потсетува на првиот бран на реакции што го иницира бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која во неколку јавни настапи го искажа ставот дека е неприфатлив предлогот од Македонија името на Гоце Делчев да се одбележува заеднички на 7 октомври, денот кога Бугарија во 1946 година ги предаде посмртните останки на Македонија.
Овој медиум потсетува и на „дипломатската полемика“ меѓу премиерите на двете држави Бојко Борисов и Зоран Заев. Бугарскиот премиер од Брисел изјави дека Македонија уште треба да „созрева“ за да добие датум за преговори за влез во ЕУ. Одговорот на Заев беше дека двете земји треба заедно да созреваат.
Белградски „Курир“ последната одлука на Софија ја проследи со најавата „Бугарска шлаканица за Северна Македонија: без македонски јазик во преговорите со ЕУ“.. Националниот телевизиски канал РТС информира дека „Бугарија бара да се користи фразата службен јазик на Република Северна Македонија“.
Сајтот „Еспресо“ излезе со наслов „Бесмислени барања на Бугарија ги изненадија Македонците: Влезот во ЕУ се условува со целосна измена на историјата“.
– Меѓу барањата на Софија се кријат и обидите да се ревидира историјата, особено во врска со своето учество во Втората светска војна. Накратко, Бугарија бара нејзината улога во Втората светска војна да не се набљудува низ соработката со силите од Оската (фашистите) и „корекциите“ во училишните учебници од Скопје да се испратат во Софија на одобрување – пренесува „Еспресо“.
Иако Бугарија се обидува да ја натера Северна Македонија да не зборува негативно за бугарската улога во Втората светска војна, се знае дека Софија била на страната на Оската и дека учествувала во окупацијата на делови од тогашна Југославија (во чиј состав беше и територијата на сегашна Северна Македонија). До септември 1944 година Бугарија беше на страната на Германија, но одржуваше односи и со СССР. Бугарија сега се обидува да ги „избрише“ неславните години од својата историја преку македонскиот грб. односно историјата да се изучува целосно поинаку – се констатира во текстот на „Балкан инсајд“, кој беше пренесуван во повеќе медиуми во Србија.
Со реакции се јавија и група бугарски интелектуалци, со осуда за декларацијата на официјална Софија. „Поттикнувате омраза“, беше пораката на овие интелектуалци, кои иницираа петиција против декларацијата на официјалниот бугарски политички врв од Владата на Бугарија во врска со ЕУ-интеграциите на Македонија, која предизвика шок во Скопје. Сметаат дека Софија промовира потценувачки однос и омраза, пренесе Дојче веле.
Бугарските интелектуалци го сметаат за апсолутно неприфатливо враќањето на јазикот на националкомунизмот, за каков што го сметаат оној употребен во декларацијата на бугарската влада, која беше прифатена и од парламентот. „Таа содржи голем број загрижувачки и проблематични барања“, наведуваат тие и оценуваат дека инсистирањето на „заедничка историја до 1944 година“ од научна гледна точка е тешко за одбрана.
„Во неколку наврати тоа се навестува само како историја на еден народ – бугарскиот. Во практиката, всушност, се бара од македонската страна да ја препише бугарската историја до таа година. Всушност, денешна Бугарија и денешна Северна Македонија се рамноправни наследници на вековната култура и цивилизација. Затоа, ние го осудуваме поимот ’кражба на историјата’, кој честопати се користи од некои националисти од двете страни“, напишаа групата бугарски интелектуалци.
Декларацијата на бугарската влада со која се бара Македонија меѓу другото да се откаже од македонскиот јазик во рамките на ЕУ, како и да ги отстрани сите написи во кои стои дека Бугарија била на страната на фашистите во Втората светска војна, за Иваjло Дичев, професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија, е смешна.
Дичев за ТВ24 вели дека Бугарија не е толку моќна држава во Eвропската Унија и не може да одигра улога на некаков многу силен партнер што ќе поставува свои услови за евроинтеграциите на Македонија. Според Дичев, Владата во Софија манипулира со македонското прашање за политички поени во пресрет на локалните избори во Бугарија.
Исто така, според Дичев, тезата за еден народ во две држави многу тешко ќе помине во Европската Унија и е далеку од европскиот концепт.