Проблем со која се соочува војската на Србија е што професионалните војници и офицерскиот кадар континуирано ја напуштаат воената служба
Србија треба да ја разгледа можноста за воведување на обврската за служење воен рок, затоа што актуелниот концепт на професионална војска не обезбедува редовно пополнување на резервниот и на активниот состав. Најдобриот модел, според анализите, е примената на норвешкиот модел, пишува порталот „Балканска безбедносна мрежа“.
Со воведување на професионалната војска во 2011 година се занемарува пополнувањето на пасивната резерва, а активната резерва никогаш не била формирана. Поради намаленото интересирање на граѓаните за воениот повик, се доведува во прашање и нормалното функционирање на активните единици на војската на Србија.
– За пополнување на резервниот состав не се размислувало доволно. Сега просечниот српски резервист е за 10-15 години постар од неговиот врсник од пред половина век. Речиси 99 отсто од резервистите немаат никаков контакт со војската од денот кога последен пат поминале низ капијата по отслужување на воениот рок – се наведува во анализата.
Доколку се разгледаат просечните бројки на завршени средношколци во Србија, само во изминатите осум години од укинување на обврската за служење воен рок, резервниот состав изгубил меѓу 250 и 300 илјади потенцијални резервисти. Врз основа на доброволно служење се пријавиле не повеќе од 15.000 лица, што остава голема празнина во пополнување на резервниот состав на војската на Србија.
Актуелен проблем е континуираното напуштање на воената служба. Според податоците на Воениот синдикат во Србија, војската секој ден ја напуштаат по два професионални војника и по еден офицер и подофицер, пренесуваат медиумите во Србија.
Затоа во објавената анализа се предлага да се врати обврската за служење на воениот рок, по пример на моделот што се применува во Норвешка, Шведска и во Кина. Во овие модели сите воено способни момчиња и девојки се воведуваат во воената евиденција, но за служење на воената обврска се повикуваат мал број од нив за кои се проценува дека ќе бидат мотивирани за воена служба.
– Со годишен контингент од седум илјади лица, што е околу десет отсто од максимално регрутен контингент, и со воен рок од шест месеци, би бил решен најголемиот дел од проблемот со недостиг од воен кадар. Во првиот чекор сите активни единици би биле пополнети до предвидената бројна состојба, а за седум или осум години би биле пополнети и воените единици – се наведува во анализата на „Балканската безбедносна мрежа“.
Овој процес на кадровско пополнување на ВС треба да биде поткрепен и со одредени бенефиции за младите лица што ќе се одлучат да служат воен рок. Како што е исплата на месечен надомест, признавање на работниот стаж за времето поминато во единицата, првенство при вработувањето во државна служба, како и стипендирање на студирањето на државните универзитети, што се применува во Соединетите Американски Држави.
За професионалните војници се предлага да имаат плата во висина на републичкото ниво, како и да се реши прашањето за исплата на дневниците и за прекувремена работа, што сега не е случај во војската на Србија.