Грција

Новата грчка конзервативна влада вети дека ќе го забрани пушењето во затворени јавни простори, со што ќе се спроведе законот, кој стапи во сила пред 10 години
Владата на Киријакос Мицотакис, која се декларира дека е против пушењето, се надева дека казните и одлучноста на властите ќе функционираат, откако претходно слични обиди за спроведување на забраната завршија со неуспех, се наведува во електронското издание на „Катимерини“.

Кампањата ќе се фокусира првенствено на јавните згради, како што се парламентот, министерствата, болниците и училиштата.

Властите планираат да спроведуваат проверки на самото место во јавните згради за да испратат порака за нулта толеранција, а во меѓувреме Владата разгледува правни можности со кои ќе се овластат редовните полицајци да вршат ненадејни проверки во баровите, кафулињата и рестораните.

Во исто време, ќе се воспостави онлајн-платформа преку која граѓаните ќе можат полесно да испраќаат жалби, а ќе се активира и телефонска линија за пријавување прекршоци, пренесе „Макфакс“.