Аналитичарите се со умерени процени за соседското помирување меѓу Загреб и Белград, по изборот на Зоран Милановиќ за претседател на Хрватска
Изборот на левичарот Зоран Милановиќ за претседател на Хрватска (и поразот на десницата) наметна неколку прашања за перспективите на регионалната соработка на Балканот. Неговото преземање на претседателската палка се случува во годината кога Хрватска претседава со Европската Унија и кога има сериозни разидувања околу процесот за придружувањето на земјите од Западен Балкан, но и кога билатералните односи на Хрватска со Србија се на најниска точка. Затоа, од регионален аспект, е важно дали социјалдемократот Милановиќ ќе може да влијае на десничарската влада на Андреј Пленковиќ, во приближувањето и соработката со Белград и со неговиот српски колега Александар Вучиќ, кој е репрезент на националните струи во Србија.
Една од главните теми на Милановиќ, во изборната кампања, беше корупцијата за која ја обвинуваше владејачкиот Хрватски демократски сојуз. Но тоа што особено предизвикува интерес во домашната политичка јавност е како ќе се постави тој во однос на високите кругови во Католичката црква, која беше и главно упориште на десничарските сили во Хрватска, од каде што доаѓаа и најмногу гласови на контото на главниот ривал во изборниот натпревар Колинда Грабар-Китаровиќ, која на крајот мораше да го признае поразот од кандидатот на левицата.
Со оглед на уставното уредување и практичната можност за спроведување на политичките идеи, од новиот претседател на Хрватска се очекува да биде поактивен во подобрување на односите со соседите, што е еден од најсериозните надворешни политички проблеми, посочува Иво Јосиповиќ, поранешен претседател на Хрватска, во изјава за Радио Слободна Европа. Прогнозите на аналитичарите се дека тој процес од двете земји ќе се одвива внимателно и со големи огради. Тоа на извесен начин се забележа и во обраќањето на Зоран Милановиќ, по завршувањето на изборниот ден, кога на гласачите што му ја дадоа довербата им се заблагодари на „сите Хрвати и тие што не се тоа“!.
Српскиот весник „Данас“ потсетува на еден мал детаљ во ТВ-дуелот со актуелната хрватска претседателка Грабар-Китаровиќ, кога Милановиќ изјави дека „Србија има несреќа да ја води еден воен кабадахија“. По завршувањето на претседателските избори во Хрватска, српскиот претседател Вучиќ испрати штуро соопштение со кое му ја честиташе победата на Милановиќ, што беше доволно да се протолкува дека соседското помирување ќе се одвива бавно.
Хрватскиот новинар Борис Павелиќ смета дека Зоран Милановиќ не е човек што ќе ја потхранува меѓунационалната омраза и кој ќе испраќа сигнали што не се дозволени.
– Општествената атмосфера ќе биде порелаксирана доколку Милановиќ, за разлика од Колинда Грабар-Китаровиќ, нема да биде тој што имплицитно или со некои сигнали ќе поттикнува нешто. Тој сигурно нема да се фотографира покрај усташко знаме. Од друга страна, се сеќаваме дека Милановиќ се спротивстави на воспоставувањето Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства (РЕКОМ), а во времето на неговата влада го одби обвинението за воените злосторства сторени во Босна и Херцеговина. Не сум сигурен дека политиката во иднина вистински ќе го отвори патот за регионалната соработка, а посебно не со нерешените проблеми од војната во деведесеттите години на минатиот век. Не сум сигурен до каде ќе сакаат Милановиќ и Вучиќ да ги релаксираат односите меѓу двете земји. Меѓутоа, факт е дека Вучиќ го носи товарот од сопственото дејствување, а тоа во Хрватска ниеден политичар нема да го заборави, и тоа со причина – вели Павелиќ во разговор за „Дојче веле“.
Второто клучно прашање во идниот претседателски мандат на Милановиќ се однесува на релациите со Католичката црква. Познато е дека врвот на свештенството во Хрватска, видливо даваше поддршка за континуитетот во надворешната политика на Хрватска, што наедно значеше и поддршка за кандидатката на ХДЗ, Колинда Грабар-Китаровиќ.
– На оваа релација Милановиќ ќе биде повеќе од коректен, без разлика на личниот анимозитет со некои лица од врвот на Католичката црква. Од страна на Милановиќ очекувам прагматичен однос, куртоазен, не многу близок и не премногу далечен – изјави Ивица Маштруко, социолог по религија, за РСЕ.
Прашањето е како ќе се однесува црквата кон идниот хрватски претседател или таа сета комуникација со институциите ќе се одвива преку црквата ладата на Хрватска. Имено, односите со верските заедници не се во ограничените надлежности на претседателот на државата.