Претседателот на Албанија, Илир Mета ја критикуваше идејата за обединување на Албанците во една држава, пишува приштинската РТК.
-Слушаме работи од типот – Зошто Албанците не се обединат? Но, во случајов, зошто пак сите Срби, Хрвати и Бошњаци не го направат истото?- праша Метa.
Според Мета, овој делириум е класичен дијаболизам.
-Тоа е обид на авторитарните политичари, многу често на координиран начин, да го пренасочат вниманието од внатрешните прашања и да провоцираат теми за да ја потиснат свеста на јавноста и да ја избегнат сопстевната одговорност- уверува албанскиот претседател.
Тој смета дека единственото решение за Балканот е соживотот и почитувањето на европските стандарди за малцинствата.
-На Балканот, секоја нација некаде е во мнозинство, а некаде во малцинство. Единствено решение е соживотот и почитувањето на европските стандарди за малцинствата. Знаеме многу добро што се случи на Балканот. Стотици илјади луѓе беа убиени а ни сантиметар од границата не беше променет- додава албанскиот претседател.
Мета тврди дека Албанија има можност да биде фактор за стабилноста на Балканот.
-Прекројувањето на границите не е едноставно. Знаеме колку се добри односите помеѓу Црна Гора и Косово, но знаеме и што се случи со договорот за демаркација. Сакам да бидам јасен, ги имаме сите можности, како што и покажавме, дека можеме да бидеме фактор на стабилноста- изјави Мета.