Албанскиот претседател Илир Мета го обраложи одложувањето на локалните избори во земјата, кои беа закажани за 30 јуни, истакнувајќи дека на тој начин би можела да се избегне уште понапната политичка ситуација.
– Постои опасност ситуацијата во Албанија да ескалира, што може да предизвика последици по националната стабилност на земјата. Ова е закана за мирот. Одржувањето на слободните избори без учество на опозицијата крши одредени уставни принципи. Како претседател не смеев да го допуштам тоа – изјави Мета, критикувајќи ги власта и опозицијата бидејќи се држат до своите екстремни ставови.
Како што истакна, без датумот кој ќе го одреди претседателот, нема да има избори.
Укажувајќи дека овој чекор не креира никаков вакуум во работата на локалната власт, тој ги повика политичките партии во Албанија на дијалог за решавање на кризата, по што ќе биде соопштен нов датум за локалните избори.
– Ова е единствен начин да се придонесе кон решавање на кризата во земјата. Ги повикувам сите локални и меѓународни актери да воспостават дијалог и да пронајдат решение што ќе биде во интерес на европската иднина на земјата – заклучи Мета во обраќањето.
Потоа Мета во живо го потпиша указот за поништување на претходната уредба за одржување избори на 30 јуни.