Албанија

Албанскиот претседател Илир Мета по средбата со генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Томас Гремингер, побарал ОБСЕ што поскоро да посредува меѓу политичките партии во земјата за решавање на кризата.
– ОБСЕ има посебно значење за евроатлантската безбедност и за Албанија посебно. Таа е првата мултилатерална организација во која Албанија се приклучи по падот на комунизмот и која даде континуирана поддршка за зајакнување на демократијата и владеењето на правото во нашата земја. За да се врати нормалното функционирање на демократските институции и да се избегне натамошна ескалација на многу критичната ситуација во земјата, во интерес на кредибилитетот на ОБСЕ е што поскоро да се вклучи во надминување на сериозната криза во Албанија – рекол Мета.

Посочил дека и покрај неговите постојани и конкретни напори што ги презема досега за да ја спречи оваа ситуација, а поради обидите што ги преземаат одредени страни, уште повеќе е „уверен дека единствен начин е сеопфатен и искрен политички дијалог, кој обезбедува целосно и конечно решение на оваа криза“.

Гремингер, чиј престој во Тирана е во функција на подготовките на земјата за преземање на претседавањето со ОБСЕ во 2020 година, се огласи на Твитер.
– На средбата со претседателот на Албанија се согласивме дека стабилноста и националното единство се клучни за напредокот и успехот. Албанија претседавач на ОБСЕ во 2020 – напиша Гремингер на Твитер.