Поединечно по земји, Македонија постигна најдобар резултат од шесте балкански земји, се истакнува во новата студија објавена од Центарот за медиумски плурализам и слобода на медиумите при Институтот на Европскиот универзитет
Балканските земји доживеале општа стагнација или влошување во однос на медиумскиот плурализам и медиумските слободи во текот на 2020 година. За повеќето од населението, особено за младите, интернет-медиумите станаа нивниот главен извор на информации, а со тоа доаѓа и нивната зголемена изложеност на дезинформации и говор на омраза. Ризиците на медиумскиот пазар остануваат присутни: пазарот е фрагментиран, повеќето медиуми се економски слаби, а работниот статус на новинарите е сè уште нестабилен. Поединечно по земји, Македонија постигна најдобар резултат од шесте балкански земји, се истакнува во новата студија „Медиа плурализам монитор 2021“, објавена од Центарот за медиумски плурализам и слобода на медиумите при Институтот на Европскиот универзитет.
Состојбата на медиумите во Балканскиот Регион беше разгледувана преку четирите основни области на ризик: фундаментална заштита, плуралност на пазарот, политичка независност и социјална инклузивност. Македонија во областа на фундаменталната заштита, која опфаќа и заштита на слободата на информирање, право на информации и почитување на новинарските стандарди, има најдобри резултати од сите балкански земји. Македонија беше обележана како земја со низок ризик, со резултат од 32 проценти. Другите земји беа ставени во групата со среден ризик. Хрватска (42), Црна Гора (43), Србија (45), Словенија (48) и Албанија (59 проценти). На скала од 0 до 100, кога резултатите од 0 до 33 проценти се означени како фактори на низок ризик, резултатите од 34 до 66 проценти означуваат среден ризик, а резултатите помеѓу 67 и 100 проценти укажуваат на висок ризик.
Во областа на плуралноста на пазарот, што ги разгледуваше прашањата како транспарентноста на сопственоста на медиумите, концентрацијата на новинските медиуми и влијанието на сопствениците врз уредувачките политики на медиумите, Црна Гора беше најдобро рангирана, со 62 проценти, а следна Македонија, со 64 проценти. Двете земји се рангирани со среден ризик. Другите земји беа означени со висок ризик. Србија постигна 69 проценти, Хрватска 71 процент, Словенија 76 проценти, додека Албанија беше најлошо рангирана, со 89 проценти.
Третата област се однесува на политичката независност, која мери индикатори како уредничка автономија, државна регулатива, доделени ресурси на медиуми и независност на финансирањето. Сите земји од регионот во истражувањето, покрај Словенија, беа означени како среден ризик. Македонија повторно постигна најдобри резултати, со 50 проценти, по неа се Србија со 57 проценти, Хрватска со 61 процент, Црна Гора и Албанија постигнаа по 64 проценти. Словенија беше означена како земја со висок ризик, со резултат од 73 проценти.
Четвртата област на основен ризик во извештајот, социјална инклузивност, опфаќа индикатори како пристап до медиуми од страна на малцинствата, како и за локалните и регионалните заедници, пристап до медиуми за жени, медиумска писменост, како и заштита од говор на омраза. Во оваа област на ризик, Македонија повторно постигна најдобри резултати, со 58 проценти, следена од Хрватска со 61 процент, единствените две земји обележани со среден фактор на ризик. Србија постигна 67 проценти, Словенија 70, Албанија 72 и Црна Гора по 73 проценти.
Во општата слика за регулацијата на медиумскиот пазар во регионот, во извештајот се забележува дека Словенија и нејзината влада не овозможија финансиско зајакнување на плуралноста во медиумите или, на пример, социјална инклузивност за време на пандемијата од 2020 година. За Хрватска се забележува дека регулацијата на медиумскиот сектор е во стагнација со години, што резултира со влошување на плурализмот во медиумите.
Албанија се посочува како земја што има најслаб однос кон развивање на пазарниот плурализам, а земјата се соочува со високо ниво на концентрација на новински медиуми на пазарот за аудиовизуелни медиуми. Во областа на фундаменталната заштита, Албанија треба да стори повеќе за да ги зголеми професионалните и новинарските стандарди, се вели во извештајот.
За Црна Гора се вели дека правната рамка на земјата е погодна за развој на плурализмот во медиумите, но повеќе во квантитативна отколку во квалитативна смисла.
Кога станува збор за Србија, општ заклучок е дека иако земјата има солидна правна рамка што ги покрива традиционалните медиуми, недостига целосно спроведување на прописите во областа на медиумското информирање. Како слаби точки се наведуваат политичко и државно рекламирање во медиумите, недостиг од транспарентна сопственост на медиумите, недостиг од заштита на медиумските работници и случаи на напади врз новинари што остануваат несанкционирани.
Од шесте земји од регионот, Македонија имаше највисок вкупен резултат. Во извештајот се забележува дека ситуацијата во 2020 година „значително се подобри“ во споредба со 2016 година, последната година на поранешниот премиер Никола Груевски. Во извештајот се забележува дека медиумските слободи се пошироки, новинарите и нивните здруженија повеќе не се изложени на сериозни физички напади и притисоци, а регулаторот е доста независен и поефикасен. Сепак, ризиците остануваат присутни: „Пазарот е фрагментиран, повеќето медиуми се економски слаби, а работниот статус на новинарите е сè уште нестабилен“, се истакнува во извештајот објавен на „Балкан инсајт“.