Турската полиција уапси повеќе од 700 лица, вклучително и членови на прокурдска политичка партија, во операциите против милицијата ПКК.
Информацијата ја објави денеска Министерството за внатрешни работи на Турција.
Турската влада во неделата објави дека борците од забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) погубиле припадници на полицијата и армијата, објави „Ројтерс“.
Ова се случи по убиството на 13 турски заробеници на северот на Ирак, соопшти денеска турското Министерство за внатрешни работи.
Денес биле приведени 718 лица од 40 провинции низ целата земја, вклучително и провинциски и окружни претставници на прокурдската опозициска Народна демократска партија (ХДП), трета по големина во парламентот, соопшти Министерството.
Во телефонски разговор со неговиот турски колега Мевљут Чуавушоглу, американскиот државен секретар Ентони Блинкен изразил сочувство за смртта на турските заложници во северен Ирак, посочувајќи дека Вашингтон верува оти за тоа е одговорна Курдистанската работничка партија (ПКК).
Ова следува откако турското Министерство за надворешни работи попладнево го повика на разговор американскиот амбасадор во Анкара, незадоволно од претходната американска изјава на осуда на настанот.
Соединетите Држави првично соопштија дека ги осудуваат убиствата доколку се потврди дека ПКК е одговорна за нив.