Хрватска

Илјада жители на Чаковец во саботата протестираа под мотото „Сакам нормален живот“ за да предупредат на проблемите, кои, како што рекоа организаторите, им ги создаваат некои припадници на ромското малцинство. Еден од нив во говорот предупреди на застрашувачката демографска слика во Хрватска и нивната жупанија со објаснување дека доколку продолжи да се зголемува бројот на Ромите со сегашниот раст, за 50 години ќе ги има 50.000. Другите што се обратија пред насобраните граѓани на Чаковец потсетија дека овој протест е да се овозможи подобар живот, за остварување на основното право на луѓето во Меѓумурје, кои се познати по нивната толеранција.

Непосреден повод за организирање на протестот е загриженоста на граѓаните за нивната безбедност и за имотите, бидејќи, како што беше наведено, Ромите се сторители на 70 отсто од криминалните дела во Меѓумурската жупанија. По протестот, од полициската управа одржаа вонредна прес-конференција на која началникот Иван Сокач, одлуката за одржување на протестот ја оцени како добра.
– Луѓето имаат право на јавен протест и за искажување на незадоволството. Немаше никаков говор на омраза или поттикнување расна, верска или национална нетрпеливост. Протестот помина мирно – рече Сокач.

Тој посочи на безбедносната состојба во жупанијата и за тоа дека околу седум отсто од населението учествуваат со 70 отсто од вкупниот број на казнените дела. Особено загрижува бројот на малолетните деликвенти. Заради подобрување на сигурноста на граѓаните, тој побара зголемување на бројот на полицајците.

Жупанот Матија Посавец побара итен состанок со претставници од Министерството за социјални работи во Хрватска, за да се исполни нивното барање за зголемување на бројот на социјални работници во центарот за социјална помош во Чаковец.
Во информацијата за протестот, „Индекс“ напиша дека во настапите на организаторите имало контрадикторност во нивните најави дека овој собир не е насочен против Ромите, иако јасно беше посочен прстот кон оваа малцинска заедница во Чаковец. Порталот наведува дека еден од организаторите е и матурант, кој е активист на иницијативата за референдумот „Народот одлучува“, кој е и симпатизер на десничарката Ружа Томашиќ и почитувач на НДХ.