Францускиот претседател Емануел Макрон пристигна во дводневна посета на Белград, во обид да ги зајакне односите со Србија. На аеродромот „Никола Тесла“ го пречека српскиот претседател Александар Вучиќ, пришто заедно открија плоча по повод официјалниот почеток на работите на модернизацијата на белградскиот аеродром, која ќе ја спроведе францускиот концесионер, компанијата „Ванси ерпортс“.
Српскиот претседател Вучиќ, во пресрет на посетата на Макрон порача дека посетата претставува и потврда дека Србија и Франција се на добар пат да постигнат повисоко ниво на политичка и економска соработка, каква што заслужува нивното постојано пријателство и прокламирано стратешко партнерство.
За време на посетата се очекува односите со Косово да се најдат високо на агендата на претседателот во надеж за поголема економска соработка меѓу двете земји.
ЕУ ги води разговорите меѓу двете земји од 2011 година, кои резултираа со неколку технички договори, вклучително и Бриселскиот договор чија цел беше нормализирање на односите и интеграција на српското малцинство во северно Косово.
Но, во пракса, договорите беа нејасни, а процесот беше откажан по неколкуте неуспеси.
Серијата понатамошни неуспеси во последните неколку години претставуваа дополнителна пречка за разговорите. Во заедничките напори на Франција и Германија, претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, се согласија да седнат на преговарачката маса во април.
Уште еден состанок беше организиран за почетокот на јули, но, средбата беше откажана откако Приштина одби да ги отстрани 100-процентните тарифи наметнати врз производите увезени од Србија минатиот ноември.