Црна Гора има потреба од дополнителен број сезонски работници. Ова го објави тамошниот завод за вработување, а информациите во медиумите ги пренесе националниот сервис РТЦГ. Најголема потреба има во секторот туризам, но и во градежништвото.
Според податоците во црногорските медиуми, во овој момент се потребни околу 18.000 работници, за да се задоволат потребите за работна сила, а причина за недостигот од работници е фактот што Црногорците не сакаат да работат за плата од 500 евра, колку што најчесто се заработува месечно на приморјето. Поради тоа, како што информираат тамошните медиуми, принудени се да увезуваат работници најчесто од Македонија, Србија и од Босна и Херцеговина.
– Немаме доволно работна сила. Црногорците не сакаат да работат за малку пари. Но платите се толкави колку што во овој момент можат да бидат – изјави претседателот на црногорското туристичко здружение, Жељко Радуловиќ, за РТЦГ.