Податоците од крајот на минатата година покажуваат дека европската економија забавува, а сличен тренд се забележува и во Хрватска. За хрватската економија е најважно тоа што се случува со економиите на Италија и на Германија. Италија е во рецесија, а Германија се наоѓа во фаза на силна стагнација, што секако ќе се одрази и на хрватската економија, смета Владимир Глигоров, економски истражувач во Виенскиот институт, во разговор за „Вечерњи лист“.
– Ако се остави туризмот настрана, на кој секако ќе се одрази и забавувањето во ЕУ, извозот на хрватските производи не би требало да зависи премногу од деловниот циклус во ЕУ. Понудата од Хрватска најверојатно може да најде свои купувачи, бидејќи таа е мала во однос на европскиот пазар. Во голема мера проблем за хрватската економија е тоа што има релативно мал извозен сектор. Поважна причина за забавување на хрватската економија е тоа што истовремено со порастот на потрошувачката на домаќинствата се загрозува и нето-извозот, што се одразува и на порастот на економијата. Покрај ова, заздравувањето на инвестициите е бавно и неуверливо. Оттука, внатрешните причини имаат поголемо влијание од она на надворешната побарувачка – вели Глигоров.
Во врска со демографското цунами што ја зафати Хрватска, која за последните две децении остана без 10 отсто од населението, Владимир Глигоров посочува на фактот што јавноста во земјата не е подготвена да прифати значајно доселување на работници од странство.
– Владата се обидува недостигот од работници да го надомести со големи квоти. Ова е последица од економската политика на Хрватска од 2008 година, која се базира на стратегијата за зголемување на конкурентноста, на невработеноста и на зголемувањето на извозот, за да се спречи порастот на надворешното задолжување и на јавниот долг. Последица од ова е одлив на работоспособно население. Слично се случува, но во помал обем, и во Грција, Шпанија и во Србија. Долгорочно гледано, демографските движења на Балканот се депресивни, така што тоа ќе дејствува ограничувачки на потенцијалните стапки на пораст. Би било потребно драматично зголемување на продуктивноста за да се надомести недостигот од луѓе. И тогаш останува прашањето кој би работел во секторот на услугите и другите подрачја што се трудово интензивни. Можно е да се откаже од економскиот прогрес и во земјата да останат луѓето што ќе работат во трудоинтензивните гранки, а образованите кадри да бараат работа во странство. Таква е сликата во Србија, а можно е да се случи и во Хрватска – предупредува Глигоров.
Растат популизмот и фрустрациите кај граѓаните во ЕУ
На прашањето на новинарот на „Вечерњи лист“ зошто европските граѓани станале толку силно фрустрирани, а на сметка на тоа растат популистичките движења во ЕУ и во Хрватска, економскиот аналитичар Владимир Глигоров вели дека за тоа постојат неколку причини.
– Една од нив е тоа што економските власти во повеќето земји водеа многу лоша политика во време на кризата. Сега некои од партиите што се виновни за тоа се обидуваат одговорноста да ја префрлат на ЕУ, за да ја избегнат сопствената одговорност. Како одговор на тоа се јавуваат, на пример, националистите во Германија или во Австрија, кои сметаат дека со овие критики се настојува да се зголемат нивните обврски кон ЕУ. Тоа повторно го поттикнува национализмот кај нив. Втора причина е што реакцијата на кризата често доаѓа кога таа е веќе на заминување. Тоа е случај со Италија, каде што економијата почна да закрепнува, па дојдоа популистите кога не им е време за тоа. Тоа е својствено на демократијата, затоа што е потребно партиите на власт да бидат одговорни за лошите политики, но тоа често значи дека тие преземаат решенија на кои им истекло времето – вели Глигоров.
Третата причина, според него, е национализмот сфатен во потесна смисла, со што се сака да се прераспределат правата со прогласување на дел од населението за странци. И како четврта причина е што коалицијата меѓу левиот и десниот центар е предолго на власт, така што опозицијата од едниот или од другиот крај на политичкиот спектар е неизбежна, но за да бидат успешни, потребно е левите и десните екстреми да се обединат, што го прави и тој националистички популизам.
– Хрватска е нецели шест години членка на ЕУ, но таа заостанува зад другите држави од „нова Европа“. Хрватските власти повеќе или помалку грешат во многу работи. Прво одолжуваа со исполнување на условите за пристапување во ЕУ. Хрватска се зачлени за време на кризата. Избран е развојниот пат, кој се потпираше исклучиво на заработката од продажбата на недвижности и од развој на туризмот. Тоа беше потпомогнато со фиксниот курс на куната, а социјалниот мир се одржуваше со релативно висока јавна потрошувачка. Конечно, кога настапи кризата, товарот беше префрлен на вработените преку зголемување на невработеноста и со иселувањето. Сето тоа е минато, проблемот е во тоа што ништо не е сторено овој систем и оваа економска политика да се сменат. Поради тоа, додека земјите од Средна и Источна Европа имаат релативно висок пораст, хрватската економија забавува – заклучува Владимир Глигоров во разговорот за „Вечерњи лист“.