Во Хрватска во вторникот беше одржана комеморација по повод 70-годишнината од испраќањето на првата група затвореници во поранешниот југословенски логор на Голи Оток. На оваа манифестација беа искажани пораки во името на некогашните жртви на политичкото насилство, за да се зачува универзална важност за заштита на слободата на мислење и слободата на дејствување, а стравотиите од минатото никогаш да не се повторат. Од учесниците на овој собир беше истакната потребата од критичното соочување со минатото во Хрватска, како основен предуслов за изградба на демократска и плуралистичка култура заснована на меѓусебно почитување и конструктивен политички дијалог, пишува „Јутарњи лист“.
Комеморацијата беше организирана од здружението за Голи Оток „Анте Земљар“ и центарот за соочување со минатото „Документи“. Дарко Бавољак, претседател на здружението, рече дека државата ништо не направила за одбележување на маките и страдањата низ кои поминале некогашните логораши.
– Не сакаме овој остров да исчезне од многубројните прекројувања на историјата или уште полошо, во бетонизацијата и апартменизацијата. Ова место треба да се заштити и достојно да се обележи, пред да почине и последниот негов сведок – вели Бавољак.
Весна Тершелиќ, од Центарот за соочување со минатото, рече дека со овој настан се искажува почитување кон илјадниците жртви на психичка и физичка тортура на Голи Оток и во другите логори, кои се користени за превоспитување на вистинските или наводните неистомисленици во комунистичкиот период.
За поранешниот министер и пратеник Божо Ковачевиќ, номиналната намена на затворот бил превоспитување на сталинистите.
– Ако постои во историјата нешто со што може да се спореди Голи Оток, тоа е католичката инквизиција. Само мал број лица што биле затворени овде, а тоа се главно офицери на ЈНА, се изјаснија како поддржувачи на Информбирото. Мнозинството затвореници беа оние за кои тогашните власти се сомневаа дека би можеле погрешно да размислуваат – вели Ковачевиќ.
– Многу од затворениците не сфаќаа како треба да се превоспитаат. Трагедијата на жртвите од Голи Оток се повторува со распадот на Југославија. Тие денес не се конвертибилни за власта на Република Хрватска, што говори во која мера таа е нецивилизирана земја – вели Ковачевиќ.
Тој ја повика Владата на Република Хрватска на местото на поранешниот логор да се основа меморијален центар во сеќавање на сите што биле заробени на островот.