Претседателството на косовското собрание одлучи пленарната седница на која ќе се гласа за составот на новата влада на Косово да се одржи в понеделник, на 3 февруари. Собраниската седница е свикана по барање на мандатарот за состав на новата влада, лидерот на победничката партија на октомвриските избори, движењето Самоопределување, Албин Курти. Курти побара одржување пленарна седница, на која ќе го предложи составот на неговиот кабинет и покрај тоа што сѐ уште нема постигнато договор за коалиција со Демократскиот сојуз на Косово и по три и пол месеци преговори од одржувањето на изборите.
Лидерот на Српска листа, Горан Ракиќ, по средбата со Курти одржана во Собранието на Косово, изјави за медиумите дека е невозможно да се формира влада без десетте српски пратеници. Српска листа освои апсолутна победа во местата со мнозинско српско население во Косово.
– Српска листа нема да го попречи формирањето на идната влада. Факт е и, би рекол, јасно им е на сите, и на меѓународната заедница и на претставниците на Приштина, дека без СЛ како фактор е невозможно да се формира владата – изјави Ракиќ.
Членот на раководството на СЛ, Далибор Јевтиќ, изјави дека доколку кабинетот на Курти има повеќе од 12 министри, колку што тој првично најавуваше дека ќе има, тогаш 13-то министерство треба да припадне на парламентарната партија на косовските Срби.