Косовскиот премиер, Албин Курти, најави дека нема да одговори на поканата да се состане со претставници од Белград на 11 мај во Брисел.
Средбата во Брисел би била прва во продолжението на дијалогот меѓу двете страни, што се одвива со посредство на ЕУ, и прва откако Курти стапи на должноста премиер.
– Нема да бидам во Брисел на 11 мај – изјави Курти по состанокот во Европската комисија во Брисел.
Тој рече дека нема да има нова рунда на дијалог меѓу Белград и Приштина, најавена за 11 мај.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борељ, во понеделникот, по состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ, објави дека на 11 мај ќе се одржи нова рунда разговори на највисоко ниво.
Одговарајќи на прашањето кога очекува разговор за продолжување на дијалогот, Курти рече дека за него не е клучно времето, туку добрата подготовка.