Грчкиот заменик-министер за одбрана Фотис Кувелис смета дека во Егејското Море има „студена војна“ со Турција, поради постојаните нарушувања од нејзина страна на грчкиот воздушен и поморски простор, и не ја исклучува можноста за „жежок инцидент“ во регионот, пишува онлајн изданието на весникот „Прото тема“.
– Лесно е еден инцидент да прерасне во жежок – изјави заменик-министерот во интервју за радиото „Тема“, објаснувајќи дека ако воопшто дојде до таква ситуација, тој инцидент повеќе би се случил во воздух, а не во море.
Кувелис ги демантира тврдењата на турскиот премиер Бинали Јилдирим дека грчко знаме било отстрането од турската крајбрежна стража, нагласувајќи дека грчките радари не регистрирале таков факт.
– Сакам да уверам дека островите и малите карпести островчиња се следат на радари на грчките вооружени сили, кои се во состојба на готовност – истакна Фотис Кувелис.
Според него, Турција „ја измислила приказната дека нејзината крајбрежна стража симнала грчко знаме на остров во југоисточниот дел на Егејското Море, откако турски хеликоптер беше избркан од подрачјето на Ро“.
– Имавме инцидент на Ро, каде грчката стража брилијантно успеа да избрка турски хеликоптер. Можеби (Турција) ја измисли оваа „вест“ за да го оцрни она што тие сметаат дека е негативно за нив – додаде Кувелис, зборувајќи за „намерна ескалација на тензиите“.
Турскиот премиер Бинали Јилдирим во понеделникот изјави дека турската крајбрежна стража го отстранила грчкото знаме кое било подигнато на островот, кој е во непосредна близина на брегот на турскиот туристички град Дидим.