Меѓународната организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) оцени дека на Хрватска не треба да ѝ се дозволи влез во шенген-зоната поради третманот на мигрантите, кои во таа земја влегуваат од соседна Босна и Херцеговина.
Во својата изјава, организацијата ја критикува Европската комисија, која минатиот месец оцени дека Хрватска е подготвена да ѝ се приклучи на шенген-зоната.
ХРВ смета дека „незаконското и насилно враќање на барателите на азил и мигрантите би требало да ја дисквалификува Хрватска за членство во шенген-зоната, а дека Еврокомисијата испраќа порака дека кршењето човекови права не е пречка за придружување во просторот на патување без граници“.
Европската комисија во октомври оцени дека Хрватска ги исполнила неопходните критериуми за влез во шенген-зоната и го повика Советот на ЕУ да ја вклучи Хрватска во просторот без внатрешни гранични контроли.
– Европската комисија, врз основа на резултатите од шенгенскиот процес за евалуација започнат во 2016 година, смета дека Хрватска ги презела неопходните мерки за да ги обезбеди потребните услови за целосна примена на правилата на шенгенот и дека се исполнети стандардите – се наведува во соопштението на комисијата.
Бугарија и Романија уште од 2011 година имаат позитивна евалуација од Европската комисија, но сѐ уште не се дел од шенгенскиот простор, бидејќи нема согласност од сите држави.