Истражувањата што беа спроведени во регионот за претходната година покажаа дека од 29 медиуми, кои се означени како извор на политички дезинформации, дури 15 се наоѓаат во Србија
Лажните вести што се креираат масовно во врвот на политиката и кои се пласираат преку одредени медиуми, контролирани од власта, го преплавија медиумскиот простор на Балканот. Поради недостигот од силни демократски институции, обичните граѓани се изложени на силна политичка и партиска пропаганда. Лажните вести станаа и моќно средство за нападите на независните и професионални медиуми и новинари, кои со сите сили се борат да опстојат на медиумскиот пазар, кој е нарушен поради нелојалната конкуренција од многу класични и електронски медиуми што не се држат до основните новинарски стандарди, а кои имаат целосна заштита и нивното опстојување се толерира од државните центри на моќ.
Слабите балкански демократии, во комбинација со современата информатичка технологија, парите, криминалот и самата природа на власта, придонесоа за брзо ширење на лажните вести. Тоа влијаеше на падот на довербата и во професионалните медиуми, кои станаа реткост на овие простори. Во справувањето со лажните вести, немоќни се и самите влади, во случај кога се загрозуваат општите и национални интереси поради штетата што се прави со пласирање невистинити информации, кои имаат за цел ширење несигурност и паника меѓу населението.
Во земјите од регионот има повеќе случаи кога државните органи во „крајна потреба“ беа принудени да преземат соодветни мерки за спречување на емисијата на невистинити информации. Во Хрватска е познат случајот кога беше уапсено лице што конструира лажна приказна дека било нападнато од мигранти, во период кога мигрантската криза кулминира во таа земја. По интервенцијата на албанскиот премиер Еди Рама, полицијата ги приведе двајцата новинари што во деновите по катастрофалниот земјотрес во Драч објавија вест „граѓаните да ги напуштат домовите“, со што предизвикаа дополнителна вознемиреност кај населението. Во Црна Гора беа уапсени двајца уредници под сомнение дека извршиле кривично дело предизвикување паника и немири. Според надлежните, тие објавиле лажни вести за пожарот во државната „Вила Горица“ во Подгорица без да ги проверат информациите.
Од инфлацијата на непотврдени информации не остана имуна ни Македонија, која, за жал, прва беше спомената како земја од која се пласираат лажни вести, за време на претседателските избори во САД и изборот на Доналд Трамп. Секако дека пласирањето на важните вести не е измислица на балканските медиуми, тие се користат и во развиените земји, со долга новинарска историја. Но се чини овдешните медиуми пласирањето невистинити информации го доведоа до совршенство, пред сѐ поради нерегулираните односи во медиумската сфера, но и поради ниската медиумска писменост на потенцијалната читателска публика, која лесно ја прифаќа секоја информација, без да ја провери нејзината веродостојност. Поради тоа, сега може да се говори и за тоа дека пласирањето лажни вести станува и „најдобар извозен“ бренд за некои од медиумите на Балканот.
Брзата помош примила помалку повици на денот на посетата на Владимир Путин на Белград, затоа што „граѓаните се чувствувале подобро“, затоа што тука бил рускиот претседател! Ова е една од вестите што била објавена во некои од српските медиуми, во јануари 2019 година, со намера да се истакне позитивниот тон од посетата на светскиот лидер на пријателска Србија. Веста за Путин е издвоена од трагачите на лажни вести во Србија, како пример за тоа како одредени медиуми, со начинот на пласирање на информациите, можат да влијаат на формирањето на јавната и политичката свест кај граѓаните.
Медиумите во Србија се едни од најголемите извозници на лажни вести во соседните држави, покажуваат податоците на специјализираните портали што го следат овој негативен феномен во државите на Западен Балкан. Според последните достапни истражувања за влијанието на лажните вести на „Јуропиен комуникеишн монитор“, Србија е трета земја во Европа, веднаш зад Романија и Чешка. Ова се податоците за 2018 година, но како што нагласува Стефан Јањиќ, уредник на порталот „Фејкњус трагач“, состојбата во изминатата година не е битно сменета.
– Можам да констатирам дека во последните две години бројот на лажните вести расте и во тоа предводат медиумите со таблоидна содржина – изјави Јањиќ за Радио Слободна Европа.
Весна Радивојевиќ, уредничка на белградскиот портал „Раскрикавање“, кој се занимава со откривање лажни вести, смета дека Србија е најголем извозник на лажни вести во регионот. Тоа се должи на тоа што српскиот медиумски простор е најголем и поради големата читаност на порталите и медиумите во целиот регион. Минатата година биле деактивирани 945 невистинити информации, само на насловните страници на четирите најтиражни таблоиди. Истражувањата што беа спроведени претходната година, покажаа дека од 29 медиуми, кои се означени како извор на политички дезинформации, дури 15 се наоѓаат во Србија. Најчеста цел биле лидерите на српската опозиција, но и претседателот на Србија Александар Вучиќ. Известувањето за Вучиќ било во позитивен наратив.
Содржините што се емитираат од центрите на лажни вести во однос кон другите земји (особено кон Босна и Херцеговина и Косово) се политички и се обликувани низ антизападна призма. Но има и невистинити приказни од забавен карактер, како онаа за медицинската сестра од Замбија, која беше цитирана дека сменила 5.000 бебиња, поради забава. Таква е и веста за властите од грчкиот остров што нуделе по 500 евра надомест за нови доселеници. По проверката, се дозна дека двете вести се лажни, но тоа не беше пречка двете невистинити приказни да бидат пренесени од сите електронски медиуми во регионот!
– Западните таблоиди се посветени претежно на приватните животи на разни лица. Тоа не се информации од јавен интерес, но тоа ги тера читателите да кликаат на овие информации. Во Србија, темите со години се вртат во сферата на внатрешната и надворешната политика – вели Весна Радојевиќ.
Меѓу вестите што биле откриени како лажни се: изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој наводно изјавил дека „независноста на Косово не е готова работа“, како и порака од министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров дека „Србите и Русите ќе го бранат Косово“, иако таква изјава никогаш не била дадена.
Поради лажни вести, клевети и навреди, минатата година во Србија се изречени повеќе пресуди против таблоидите, кои се донесени по приватни тужби од оштетените лица. Советот за печат, независно и саморегулаторно тело, донел повеќе одлуки за кршење на кодексот на новинарите на Србија, но тоа не влијаело на намалувањето на пласирањето лажни вести. Наспроти ова, таблоидите што воделе со невистините информации, во 2017 и 2018 година, по различни основи, добиле 375.000 евра, сума што била исплатена за повеќе општински проекти.