Грчкиот премиер Алексис Ципрас тврди дека турски воени авиони летале во непосредна близина на хеликоптерот со кој тој патувал кон островот Агатониси, на одбележувањето на 182-та годишнина од востанието против Отоманската Империја, што турските медиуми го негираат, според информациите од нивни извори.
– Тие го принудија хеликоптерот да маневрира, додека грчките авиони не ги пресретнаа силите што навлегоа во нашиот воздушен простор – изјави Ципрас во говорот на Агатониси, кој е оддалечен неколку километри од турското крајбрежје.
Извор од грчката војска во изјава за „Ројтерс“ истакнал оти грчки воен авион Ф-16 ги пресретнал турските авиони на оддалеченост од околу шест километри од хеликоптерот во кој бил Ципрас.
Според извор од турската војска, чија изјава ја пренесе Јуроњуз, турските авиони биле на рутински лет.
– Немаше никаков обид за пресретнување од страна на турски авиони за време на активностите на грчкиот премиер – кажал изворот од Турција.
Грција и Турција честопати посочуваат нарушувања на воздушниот простор од другата страна, а односите се влошија откако Грција одби да изврши екстрадиција на осумте турски војници обвинети од Анкара за учество во воениот удар во Турција, во 2016 година.