Веста што ја објави денеска српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, дека наводно Гренада ја повлекла својата одлука за признавање на Косово, според косовските дипломати претставува само уште една лага на Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.
Фатмир Хаџоли, политички советник на косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли, за „Газета Експрес“ изјави дека тоа е само уште една од низата лаги и е последица на, како што вели, кризата во која се наоѓаат српските политичари.
– Тоа е само уште една од низата лаги како резултат на кризата на српските политичари. Со Гренада имаме дипломатски односи и добри меѓудржавни релации, изјави Хаџоли, нагласувајќи дека од таа држава немало никаква најава или изјава за повлекување на признавањето.
Дека станува збор за лага од страна на официјален Белград смета и Јетлир Зиберај, исто така, советник на шефот на косовската дипломатија.
– Имаме дипломатски односи со Гренада. Меурите од сапун што ги создава Србија се едноставно лаги поради нивниот страв во пресрет на некои значајни процеси кои следат, изјави Зиберај за порталот коха.нет.
Шефот на српската дипломатија Дачиќ изјави денеска за медиумите во Белград дека добил нота од неговиот колега од Гренада Питер Дејвид, во која се вели дека островската земја од Средна Америка го повлекла признавањето на независноста на Косово. Тоа е, според Дачиќ, деветтата земја која го повлекла признавањето на Косово.