Поглаварот на Католичката црква на Косово, Дон Љуш Ѓерѓи отворено се спротивстави на идејата за корекции на границата меѓу Косово и Србија, за што се залагаат претседателите на двете земји, Хашим Тачи и Александар Вучиќ како конечно решение на меѓусебните спорови, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ѓерѓи, во денешното интервју за порталот „агнесир.ит“ (agensir.it) , што го пренесе порталот „Газета Експрес“, изјави дека „Србите и Албанците треба да ја прифатат актуелната ситуација во Косово и во Србија“, бидејќи, според него, „ако се допрат границите ќе биде предизвикана верижна реакција“ во целиот регион на Балканот.
Водачот на косовските католици е категоричен дека границите не смеаат да се менуваат во никакви околности.
– Границите на сите земји на Балканот се резултат на решенија кои се постигнати со преговори и компромиси. Сепак, јас сум цврсто убеден дека границите не треба да се менуваат, бидејќи една таква одлука би предизвикала непрекината верижна реакција, изјави Ѓерѓи.
Според него, косовските Срби треба да уживаат поголема автономија, додека Албанците кои живеат во Србија треба да ги уживаат истите права како и Србите кои живеат во Косово.
– Всушност, на српскиот народ треба да му се овозможи да ужива поголема автономија, а албанското малцинство во Србија треба да ги има истите права и должности како и другите делови на населението. Пред обединувањето на териториите потребно е обединувањето на срцата и умовите на луѓето. Единствено тогаш границите ќе станат симболични, порача поглаварот на Католичката црква на Косово.