Министерската за европски интеграции на Косово Дурата Хоџа очекува дека Европската унија до крајот на годинава ќе ги заврши процедурите за укинување на визниот режим за косовските граѓани, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоџа во интервју за јавниот радиодифузен сервис РТК изјави дека Косово ги исполни сите услови кои му беа поставени и очекува процесот на одлучување да се заокружи до крајот на оваа ггодина. Сепак, нагласи таа, сега работата е во рацете на Советот на министри на ЕУ.
Европскиот парламент пред неколку дена, со мнозинство гласови донесе одлука за укинување на визите за Косово, но како што напомена Хоџа во оваа институција се гласа според партиските, а не според државните ставови. Така, се случи неколку пратеници од Франција и Холандија да гласаат против либерализацијата, иако нивните држави ја имаат признаено независноста на Косово.
Според косовската министерка за евроинтеграции, се забележува тенденција на десничарските и конзервативните партии да гласаат против либерализацијата, но тоа не се гласови конкретно против Косово, туку против миграцијата воопшто.
– Очекуваме мнозинството во Советот на министри, 65 отсто од земјите кои го имаат мнозинството на населението во ЕУ да гласаат во полза на визната либерализација за Косово, рече Хоџа.
Таа не очекува петте држави членки на ЕУ кои не ја признале независноста на Косово да гласаат против визната либерализација. Предизвикот, според министерката Хоџа, е да ги убедат конзервативците да гласаат „за“.