Косовското Собрание денеска треба да ја одржи седницата на која ќе се изгласаат законите за трансформација на Безбедносните сили (ФСК) во оружени сили на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
На дневен ред на пленарната седница на косовскиот Парламент, закажана за 10 часот, откако во минатите неколку месеци беа завршени законските процедури, ќе се најдат предлог-законите за ФСК, за Министерството за одбрана и за служењето во ФСК, со кои сегашните Безбедносни сили практично прераснуваат во војска на Косово.
Сите пратенички групи на партиите на косовските Албанци, како и пратениците на другите несрпски заедници, објавија дека ќе гласаат за законите, а ФСК веќе има најавено церемонија со која ќе ја прослави трансформацијата во војска. Прослави по повод формирањето војска на Косово имаат најавено и други косовски институции, како и граѓански здруженија.
Категорично против формирањето оружени сили на Косово се десетмината пратеници на партијата на косовските Срби, Српската листа, како и официјален Белград, кои тврдат дека тие сили се насочени против српската заедница во земјата, како и дека ќе го загрозат мирот во регионот.
Отворена поддршка на формирањето војска на Косово изразија официјален Вашингтон и Лондон, преку нивните амбасадори во Припштина, Филип Коснет и Руаири О’Конел, како и командантот на НАТО, Џејмс Фого, кој во средата во Скопје изјави дека тоа е суверено право на Косово.
Против се изјаснија неколку членки и генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, кој рече дека одлуката на Приштина е избрзана.
Амбасадата на Германија во Приштина во вчерашното соопштение порача дека Берлин го поддржува формирањето на војска на Косово, но смета оти овој процес не треба да биде избрзан и треба да е сеопфатен, со вклучување и на немнозинските етнички заедници. Германија апелира до Белград и Приштина овој повод „да не се злоупотреби како повод за натамошна ескалација од ниедна од страните во односите“ меѓу двете земји.
Сојузниците на Косово, Вашингтон, Берлин, Лондон и други, очекуваат по денешното формирање на косовската восјка, Приштина и Белград да се посветат на продолжување на дијалогот за нормализирање на односите меѓу двете земји.