На заседанието во Дубаи на Генералното собрание на Интерпол ниту во првиот круг на гласање ниту во вториот круг на гласање Косово не ги доби потребните две третини од гласовите на членките на Интерпол.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ по гласањето во Дубаи на Генералното собрание на Интерпол, на кое Косово не доби доволен број гласови за прием, се обратија пред јавноста на вонредна прес-конференција.

– Ова е успех на една мала земја, пркосна и горда, која иднината не смее да ја базира на пркос и на инает, туку на рационален пристап и која мора да сака компромис и да ги разбере односите во светот, ниту да ја понижува приштинската страна – истакна Вучиќ.

Тој најави дека Србија ќе работи со земјите што гласаа за прием на Косово во Интерпол, додавајќи дека и некои од најразвиените земји првпат гласале воздржано.

– Една мала победа за нас, на голема сила се намеривме и многу големи сили сакаа да нѐ тргнат, урнат, понижат. Успеавме да ги зачуваме земјата и образот – рече Вучиќ.

Додека српскиот министер за надворешни работи, Дачиќ, наведе дека одбивањето на членството на Косово во Интерпол претставува голема победа за Србија и за српскиот народ и индикација дека ништо не може да се направи без договор со Србија.

Косово во вчерашното гласањето на Генералното собрание на Интерпол не е примено во Интерпол. За прием на Косово во првиот круг од гласањето за членство гласаа 76 земји, 56 беа против и 22 се воздржаа. Косово не помина ни во вториот круг од гласањето, а против приемот на Косово во Интерпол гласаа 51 земја, 68 беа за, а 16 воздржани, објави МИА.


Амбасада на САД: Со овој резултат губиме сите

Амбасадата на САД во Приштина, по гласањето на Генералното собрание на Интерпол против зачленувањето на Косово во организацијата, смета дека таквиот исход е резултат на српската кампања против Косово и притисоците што Белград подолго време ги врши врз одредени земји за да гласаат против, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Полицијата на Косово е целосно интегрирана и способна институција, која јасно има докажано дека помага во растурањето на меѓународните терористички групи, сајбер-криминалот, шверцот со наркотици, оружје и луѓе – се посочува во соопштението, во кое се наведува и дека мнозинството членки на Интерпол, „и покрај кампањата, предводена од Србија против зачленувањето на Косово“, сепак гласаа „за“ барањето на косовската полиција – се наведува во соопштението на американската амбасада.
Вашингтон порачува дека „поддршката за зачленување на Косово во Интерпол никогаш не била за признавање на независноста на Косово, туку за јакнење на меѓународната соработка на полето на спроведувањето на законот и за затворање една критична празнина на безбедноста на Балканот“.
– Со овоj резултат губиме сите – заклучува дипломатското претставништво на САД во Приштина.