Српскиот народен совет во Хрватска ја почна кампањата „Подобро да се разбереме“ за да се симне стигмата од употребата на кирилицата и да се испрати порака дека користењето на ова писмо во приватна или во јавна употреба не го загрозува мнозинскиот народ во Хрватска. Кампањата ќе трае до 1 јануари, односно со почетокот на претседавањето на Хрватска со Советот на ЕУ. Повод за оваа акција е одржувањето на седницата на градскиот совет на Вуковар, во кој има претставници од српската заедница, но поради отпорот на мнозинството хрватски советници не се почитува правото за употреба на кирилското писмо и српскиот јазик.
Акцијата за толеранција, која ја почнаа Србите во Хрватска, се поклопува со кампањата за избор на претседател на државата, а плакати со изборните слогани на кандидатите ќе бидат испишани на кирилица. Тие ќе бидат поставени во Загреб, Сплит и во Риека. Како што е познато, кандидатката на владејачката партија ХДЗ Колинда Грабар-Китаровиќ настапува со слоганот „Претседателка. Бидејќи, Хрватска знае“. Изборниот слоган на кандидатот на опозицијата е „Зоран Милановиќ – Нормално, претседател со карактер“ и на независниот кандидат „Мирослав Шкоро – Сега или никогаш“.
Претседателот на националниот совет на српската заедница Борис Милошевиќ на промоцијата на кампањата рече дека со неа се настојува да се промовира начелото на достоинство, слобода, еднаквост и недискриминација.
– Кирилицата е важен дел од српскиот културен идентитет, а јазичната различност е еден од темелите на Европската Унија. Секоја држава-членка на ЕУ е должна да ја промовира употребата на малцинскиот јазик и писмо. Досега ова не беше случај и затоа се одлучивме на ваква кампања. Сакаме да се почитуваат Уставот, одлуките на Врховниот суд и конвенциите на кои Хрватска се обврза, како и на применување на Законот за национални малцинства – истакна Милошевиќ.
Членот на градскиот совет на Вуковар Срѓан Колар вели дека кирилицата не може да биде и не е агресорско писмо, како што може да се слушне во Вуковар. Пратеникот и претседател на СДСС Милорад Пуповац нагласува дека кирилското писмо, како едно од писмата на ЕУ по влегувањето на Бугарија, не смее да биде забрането и ограничувано во Европа.
– Некои сакаат кирилското писмо да биде писмо на неслободата во Хрватска. За нас е писмо на слободата, како и секое друго писмо. Слобода е кога се пишува и чита на тоа писмо и да се види на места на кои е потребно да се види – вели Пуповац.
Кампањата „Подобро да се разбереме“ за „Јутарњи лист“ ја коментираа претставници од изборните штабови на тројцата најсилни кандидати за избор на претседател на Хрватска.
– Ова е слободна земја. Секој има право да пишува и да зборува што сака, но тоа подразбира и да се има одговорност – изјавија од штабот на Колинда Грабар-Китаровиќ, кандидатка од ХДЗ.
Од штабот на хрватските социјалдемократи на Зоран Милановиќ соопштија дека зборот нормално значи нормално, без разлика на кој јазик и на кое писмо е напишан. Коментарот на претставниците на кандидатот Мирослав Шкоро беше дека по неговата победа на претседателските избори многу подобро ќе се разберат, доколку досега не се разбрале со претставниците од Српскиот национален совет.