Покрај спомените од последната војна, како што е Тунелот на спасот, туристите од Кина сакаат да ги посетат и местата каде што е сниман филмот „Валтер го брани Сараево“
Според податоците на Агенцијата за статистика на Босна и Херцеговина, во првите шест месеци во 2017 година, земјата ја посетиле 13.216 туристи од Кина. Следната година во првата половина земјата ја посетиле 23.008 туристи, додека само во мај околу 15.000 туристи од Кина ја посетиле Федерацијата БиХ или еден од двата ентитета. Интересирањето на гостите од Далечниот Исток за посета на БиХ е различно во зависност од возраста. Покрај спомените од последната војна, како што е Тунелот на спасот, кинеските туристи при посетата на Сараево сакаат да ги видат и обележјата од постарата историја на земјата. Без исклучок го посетуваат Музејот и мостот на Гаврило Принцип. Многу од нив се заинтересирани да ги видат деловите од градот каде што се снимани сцените од култниот филм „Валтер го брани Сараево“, сниман во 1972 година, кој во Кина стекнал огромна популарност.
Ксиао, која со пријателите допатувала од Шангај, во репортажата на Ал џезира, вели дека е првпат во Босна и Херцеговина и во овој дел од Европа, но може да каже дека е задоволна од начинот на кој го потрошила времето и од тоа што го видела во главниот град на БиХ.
– Не знам многу за филмот за Валтер, но тој е интересен за моите постари сонародници. Читав за тоа како почнала Првата светска војна во овој град со убиството на австрискиот престолонаследник. Тоа го знам од учебниците во средно училиште. За последната војна сум слушнала нешто, но не знам многу за тоа – вели Ксиао.
Чен Југи го асоцирале две работи на Сараево – војната и Зимските олимписки игри од 1984 година. Чем Хади е заинтересиран да го посети и Мостар, а планира да замине и во Србија и Црна Гора.
– Храната овде е сосема поинаква отколку во Кина. Пробав одлично парче говедско месо – вели Чем.
Туристичките водичи, кои ги следат организираните групи од Кина, имаат различно искуство со кинеските туристи. Емир Кариќ вели дека тие прво сакаат да го видат Тунелот на спасот.
– Тие се добро информирани за случувањата за текот на војната во деведесеттите години, знаат кои војски учествувале во судирите и бараат дополнителни информации при посетата на Сараево – додава Кариќ.
Туристичкиот водич Емина Ториќ посочува дека туристите што се од постарите генерации добро ја познаваат историјата на овој дел од Европа и сите го гледале филмот за Валтер, но тоа не може да се каже и за помладите генерации.
– За нашиот начин на живот велат дека многу пиеме кафе, дека храната е добра, но им е многу тешка затоа што е помасна или им е преслатка. Освен историјата, тие бараат да видат како изгледа и модерно Сараево – вели Ториќ.
Од Туристичката заедница на кантонот Сараево велат дека туристичките потенцијали на земјата редовно се промовираат на саемите за туризам во Кина. Од мај годинава Кина и Босна и Херцеговина потпишаа спогодба за безвизен режим, што дополнително ќе ги привлече туристите во БиХ.
Според Кинескиот национален оддел, во 2013 година околу 97 милиони Кинези патувале во странство. Тоа е околу 14 милиони повеќе од 2012 година. Кинезите на патувањата трошат околу 102 милиони долари годишно, што е за 20 отсто повеќе од сумата што ја трошат Германците.