Без решавање на сите билатерални спорови нема да има натамошно проширување во регионот на Западен Балкан, оцени постојаниот претставник на Словенија во НАТО и поранешен известувач за Србија и за Црна Гора во Европскиот парламент, Јелко Кацин.
Според него, „одлуката на Република Северна Македонија за промена на името е резултат на историски политички договор“.
– Тоа е политички компромис, кој другите држави во регионот, кои се уште не ги решиле своите билатерални проблеми со соседите настанати по распадот на поранешна Југославија, треба внимателно да го проучат, истакна Кацин за Јуропиан Вестерн Балкан (EWB).
Кацин, кој беше министер за одбрана на Словенија од 1994 до 1997 година и пратеник во словенечкиот Парламент, рече дека „Словенија ќе го ратификува пристапниот протокол со Северна Македонија“, потсетувајќи дека словенечката Влада минатата седница го одобри нацрт-законот за ратификација.