Грција

Рестриктивните мерки во Грција, односно карантинот е продолжен за уште една седмица и наместо на 7 декември, ќе заврши на 14 декември 2020 година. Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас објасни дека, според последните податоци, постои стабилизирање или намалување на новите случаи, но со побавен ритам од очекуваното. Во болниците има повеќе отпуштени отколку примени пациенти, но сепак во северниот дел на Грција голем дел од болниците се под сериозен притисок.
Од понеделник ќе се отворат сезонските продавници, односно оние што продаваат исклучиво новогодишни и божиќни производи.
– Вториот бран се покажа како поголем предизвик за нашата земја, но јас сум оптимист дека со правилни мерки ќе можеме да се справиме и со вториот бран, истакна премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на грчкиот економски самит организиран од грчко-американската трговска комора.