Многу земји се соочуваат со проблеми како да го зголемат процентот на вакцинирани лица против ковид-19, а размислуваат и за нови начини како да се надмине „психолошкиот праг“ за вакцинирање на половина од населението
Со почнувањето на масовната вакцинација, здравствените власти во земјите од регионот веќе најавуваат дека до крајот на летото ќе бидат имунизирани поголемиот број граѓани за да се постигне колективниот имунитет од коронавирусот. Бројот на вакцинирани лица е различен во земјите поради неколку фактори: доцнењето на набавката на вакцини и лошата организација, но и сѐ уште големата недоверба кај луѓето за да ја примат првата доза. Во Хрватска одѕивот за вакцинирање е под очекуваното ниво поради откажувањата на граѓаните да примат одредена вакцина, но и поради нефункционирање на системот за информирање на граѓаните за вакцинација. Во Македонија, каде што бројот на пријавени е над триста илјади, сѐ уште чекаат да бидат повикани да ја примат првата доза, иако од Министерството за здравство беше најавено дека сите пријавени ќе бидат вакцинирани до 18 мај годинава. Во Србија, која е многу понапред во процесот на имунизација на населението, која по првиот „бран“ вакцинира над два милиони граѓани, се чувствува намалување на нови лица во процесот на пријавување. Па, затоа, од Владата на Србија се воведуваат многу поволности за лицата што ќе се вакцинираат против ковид-19.
Дали во земјите од Западен Балкан ќе пристапат кон нова политика за потикнување на свеста кај граѓаните за побрза имунизација, останува да се види во наредниот период. Но очигледно е дека многу земји се соочуваат со тоа како да се надмине „психолошкиот праг“ за вакцинирање на половина од населението. Деновиве агенциите ја пренесоа веста дека американската сојузна држава Охајо ќе награди пет лица со милион долари што ќе примат вакцина против коронавирус во рамките на лотаријата што е организирана за да се надмине слабиот одѕив во сите други сојузни држави. Во трката за милион долари може да учествуваат само полнолетните граѓани, а младите до 18 години ќе имаат можност да освојат награда за целосна школарина на Јавниот факултет во Охајо. САД се водечка земја во светот според бројот на вакцинирани, а првата доза ја примиле 58 милиони луѓе, додека во Охајо овој процент изнесува 42 отсто, пренесува „Танјуг“. Целта на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е до јули годинава да бидат вакцинирани 70 отсто од населението на САД.
За да се забрза имунизацијата, српската влада донесе повеќе мерки да се мотивираат граѓаните да се пријават во поголем број за да ја примат првата доза. Така, за вакцинираните лица ќе биде исплатен еднократен паричен надомест од три илјади динари, а за да го остварат ова право, тие треба да се пријават во периодот од први до 15 јуни.
– Апликацијата ќе се врши преку Управата за трезор, а ќе се отвори и повикувачки центар. Секој што ќе прими барем една доза од вакцината до крајот на мај, има право на оваа помош. Важно е колку што може поскоро да постигнеме колективен имунитет за целосно да ја отвориме нашата економија – изјави министерот за финансии Синиша Мали.
Од српската влада најавија дека во целосен износ ќе биде исплатувано боледувањето само за вработените во јавниот сектор поради заболување од ковид-19, но за тоа треба да бидат вакцинирани, како и за оние што поради здравствени причини не можат да го сторат тоа. Граѓаните што не се имунизирани се изненадени од овој предлог и сметаат дека со тоа „државата ги казнува“, а претставниците на одделни синдикати овој потег го гледаат како чин на „позитивна дискриминација“, пишува „Политика“.
Новата уредба ќе важи само за вработените во јавниот сектор, а кога станува збор за приватните работодавци, на вработените што отсуствуваат од работа поради коронавирусот може да им исплатуваат плата во целосен износ, без разлика на тоа дали се вакцинирани или не, но може да се придржуваат и на законот, според кој боледувањата се исплатуваат во износ од 65 отсто од заработувачката.
Во некои од синдикатите сметаат дека овие одредби немаат правна основа и нагласуваат дека нема податоци колку од работодавците исплатувале целосна плата во случај на отворање ковид-боледување, што е само препорака од Владата, а не и законска обврска.
– Државата проценува дека не може да ги убеди граѓаните за вакцинација, ни со кампањата во која учествуваа јавни личности, ни со навремената едукација, туку со директно зафаќање во џебот. Одземањето на дел од платата сега претставува казнување, а тоа не е во ред – смета Зоран Стојиљковиќ, претседател на синдикатот УГС „Независност“.
Претставниците од другите синдикални организации сметаат дека државата требало да прогласи „задолжителна обврска за вакцинирање“, а не да се применува казнена политика. Поделбата на луѓето на вакцинирани и невакцинирани, според нив, претставува одреден вид дискриминација.